Со проекцијата на филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески во 18 часот во кино „Фросина“, ќе се означи неофицијалниот почеток на третиот Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“. По „Исцелител“, од 20 часот во истото кино ќе биде прикажан и „Изборот на кралот“ – филм од Норвешка, која годинава е земја во фокусот на фестивалот.

Овој филм е снимен во 2016 година во режија на Ерик Попе, еден од најпознатите во Норвешка. Базиран е на вистинска приказна за трите драматични денови во април 1940 година, кога на кралот на Норвешка му е даден незамислив ултиматум од германските воени сили: Да се предаде или да умре! Кралот Хакон ја донесува својата одлука – одбива да капитулира, иако тоа може да го чини неговиот живот и животите на многу Норвежани.

Норвешката кинематографија на фестивалот ќе биде претставена со  уште четири филма.

Официјалниот почеток, пак, на „Киненова“ ќе биде в петок со премиера на македонскиот филм „Ругање со Христос“ – дебитантскиот игран филм на режисерот Јани Бојаџи. Филмот е меѓу осумте во натпреварувачката селекција на фестивалот, кој под мотото „Првиот никогаш не се заборава“, ќе се одржува од 3 до 12 октомври.

Покрај овој филм, во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, еден од Иран и еден од Перу.

Организаторите на „Киненова“ соопштија дека концептот на фестивалот е да им се даде простор на храбри автори-дебитанти кои се зафатиле со теми кои во некои земји се игнорирани и ставени на страна, а нивните автори третирани како неподобни.