Суд во Германија донесе одлука дека градот Франкфурт мора да ја забрани употребата на дизел возилата што се поголеми загадувачи од дозволените норми, со цел да се подобри квалитетот на воздухот во градот. Ваквата одлука на судот во Висбаден доаѓа по иницијатива на група за заштита на животната средина, од каде го иницираа тој процес со тврдења дека воздухот во Франкфурт не ги исполнува стандардите на Европската Унија кога станува збор за нивото на азотните оксиди.

Првично нема официјални податоци колку возила ќе бидат засегнати од судската одлука. Сепак, проценките се дека таа бројка ќе биде значителна со оглед на тоа што Франкфурт е петтиот по големина град во Германија. Тој е светски центар за бизнис, култура, образование, туризам и транспорт. Во градот се сместени седиштата на многу глобални и корпорации, а франкфуртскиот аеродром е најфреквентниот во светски рамки.

Ова не е прв случај на забрана за одредени типови возила во Германија. Хамбург веќе забрани постари модели на дизел возила на одредени патишта, додека властите на Штутгарт најавија планови за следната година да ги забранат во некои делови од градот.

Ваквите забрани се базираат на судска пресуда од февруари која на градските власти им овозможува меѓу мерките за заштита на воздухот да ја вклучат и забраната за употреба на дизел возила.