Кумановскиот музеј, утревечер во лапидариумот организира етнолошка изложба на венчални фустани, „Рапсодија во бело“, најавија денеска, од НУ Музеј Куманово.

Манифестацијата од ревијален тип „Рапсодија во бело„ е изложба на која ќе бидат презентирани невестински фустани носени на венчавките во Куманово низ децениите наназад. Опфатен е периодот од 40-тите години на минатиот век, па се до денес, со сите карактеристични трендови на градската мода која што се менувала под влијание на големите европски модни центри. Од скромноста и конзервативноста на воениот период, преку холивудскиот гламур во поствоено време, се менувале материјали и кроеви донесени од Лондон, Париз, Истанбул.

Се до средината на 60-тите години се носеле долги фустани до глежните и под колената, мини и миди, за подоцна во раните 70-ти да се појават венчаници во макси и хипи стил. Модерни се шапки со широк обод кои ќе бидат видоизменети по облик и форма во подоцнежните години. 80-тите пак се одбележани со послободен креативен потенцијал и целосно вклопување во новите светски трендови, изјави кустосот – советник од Музеј Куманово, Анита Ѓорѓиоска

Новиот век е одбележен со раскошот, а венчалните фустани изгледаат како од бајките, нагласува Ѓорѓиеска и додава дека, дизајнерите на поновото време ќе остават свој личен белег, повремено навраќајќи се на ретро стилот и копирајќи ги највеличествените креации на своите предходници, старите кумановски шивачи.

Ѓорѓиеска изразува голема благодарност до сите свои сограѓанки кои своите невестински фустани ги извадија од заборав и ги донираа или позајмија за да може да ги види пошироката јавност и, како што вели, да се потсети на едни дамнешни времиња полни со љубов од најзначајниот момент во животот на жената.