Европа е во пресвртна точка во борбата против коронавирусот, изјави денеска директорот на најголемиот болнички комплекс во Швајцарија, Бертранд Левра, признавајќи дека заморот расте поради мерките за борба против вирусот.

Сепак, тој инсистираше на тоа дека луѓето мора да се борат против инфекцијата, во време кога Швајцарија се соочува со рекорден дневен број на новоинфицирани.

Вирусот не се шири сам, ние го шириме. Тоа е реченица што не ја повторуваме доволно, изјави Левра за АП.

Тој додаде дека денес сè зависи од тоа колку луѓето ги почитуваат здравствените мерки што овозможуваат економијата и животот да одат по својот тек воопшто.

Ако не се справиме соодветно со кризата, ќе бидеме изложени на ризик да влеземе во ситуација која ќе биде потешко да се контролира. Навистина сме во пресвртна точка – работите можат да одат на два начина. Здравствените служби мораат да бараат начин да продолжат да бараат контакти и да го спречат ланецот на пренос, рече Левра.

Рекордни 3.105 нови случаи на коронавирус се регистрирани денес во Швајцарија, а големото зголемување на бројот на новоинфицирани во таа земја, но и во другите европски земји трае веќе неколку недели.