Кога станува збор за регион значи сето она што се случува со културното наследство директно има влијание и на природата. Особено масовната урбанизација, дивоградбите кои што јас не знам навистина, секогаш зборувам и се прашувам што е тоа со дивоградбите. Меѓутоа она што треба да се случи, е дека мора да се направи системска промена. Затоа што кога јас зборував за непостапување, значи мора да се лоцираат институциите кои што не постапуваат бидејќи тие се најодговорни за ситуацијата со Охридскиот регион, нагласи Донка Барџиева Трајковска – експертка за заштита на културното наследство во утринска емисија на телевизија 24.

Барџиева Трајковска додаде дека одговорноста започнува од Владата, па преку министерството за култура и двете управи, а тоа се Управата за заштита на културно наследство и Управата за заштита на природно наследство. Токму тие институции се клучните институции каде што е концентрирана целата одговорност, а тие имале обврски изминатите години по кои не постапувале.

Во законот за управување со светското и природно наследство постојат членови и обврски. На пример во член 25 постои обврска, законодавецот и дал обврска на Владата на предлог на надлежниот министер дали за култура или животна средина на секои 6 години да прави ревизија на списокот на културното наследство, тоа не е направено, рече Барџиева Трајковска.

Барџиева Трајковска посочи дека одговорноста треба да ја преземат владата и министерството за култура, бидејќи поради нивното непостапување го доведе Охридскиот регион во опасност.