По вчерашната лидерска средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски на која не беше постигнат партиски консензус за датумот на одржување на парламентарните избори, лидерот на владејачкиот СДСМ и екс и премиер ставен на „стенд бај“, да имаше можност веројатно веднаш ќе го свртеше бројот на тета Сабинче. За да му гледа не во шоља, туку на тарот карти. Зашто, говорот на телото покажуваше негова нескриена нервоза.

Штета. Ќе можеше тета Сабинче да му каже неколку збора. Чисто за да го смири. А, најчесто, кога ќе и се јавеа заинтересираните или загрижени граѓани, тета Сабинче ги употребуваше зборовите „видим неке паре, неки документи, нешто сте ми мало нервозни“. Ќе морам да преведам. „Гледам некои пари, некои документи, нешто сте ми малку неровозни“. Ова чисто и браќата од север да не речат дека македонскиот јазик е регионална норма на српскиот. Па, по примерот на Бојко да не ме праша некој на кој јазик пишувам.

Навистина, чуму таква нервоза, па и нескриен бес? Нема потреба од тоа. избори ќе има, ама прашање на датумот е кога ќе бидат одржани. Арно, ама, за тоа не може да одлучува само Заев. Има и други политички чинители во државата. И од власта и од опозицијата, кои заеднички треба да одлучат.

Секоја друга варијанта или силување од страна на владејачкиот СДСМ ќе биде катастрофално. Можеби на краток рок ќе извлече позитивен резултат, нормално, победнички. Но, на подолг рок последиците од таквата екскурзија ќе бидат далекусежни и за СДСМ, што е помалку важно, и за државата, што е многу побитно.

Што ти е карма. Лета времето. Незапирливо. Како вчера да беше кога на двапати истиот тој Заев така сељачки мангупски излегуваше и колку го држи грлото извикуваше-Избори нема да има! Еднаш во април, еднаш во јуни. Да, тоа беше во 2016 година. Ама тогаш му се можеше да поставува услови, да уценува, да се заканува… Те со фантомски гласачи, те со некрофилски сечени и монтирани незаконски стекнати прислушувани телефонски разговори, те со познати имиња на убијците од Смилковско Езеро, те со Младенов, те со ова, те со она. И што излезе на крајот? Ништо од тоа не беше вистина.

Сега, пак, Заев се наоѓа во тогашната тесна кожа на Никола Груевски. И очигледно се чувствува максимално нелагодно. Тесно си е тесно.

А, како може да се чувствува кога веќе не диктира ништо и кога пред себе нема уценети опозиционери? Неговата манифестирана нервоза не говори друго, туку само реално ја отсликува политиката на владеење. Лесно е да не бираш средства и да уценуваш кого ќе стигнеш и тоа да го претставиш како некаков компромис. Па, „компромис“ беше и гласањето на уставните промени на сметка на наводно помирување во државата. Дрн, дрн јариња.

И гледам се чуди како може Мицкоски да им се извинува на граѓаните за тоа што лидерите не договориле датум за избори, кога самиот барал лидерска средба. Ќе се чуди. Тој не разбира дека може да има луѓе, кои знаат што е елементарна политичка култура. За него е поважно пцуењето и „е***то“ на народот.

Ај и тоа помина, ама изгледа не му е доволно. Сега сам си чита и сам си толкува закони. Демек, не ферма опозиција. И избори по секоја цена ќе треба да има во јуни. Еволуира. Од пцуење и таквање сака да го умре народот. За да не знае дали ќе оди на избори или во санаториум од каде нема да има враќање.

Подобро би му било да се обиде да ја најде тета Сабинче. И да му каже што за него велат картите. Сигурно ќе му најде некоја, што вели дека не му се наклонети ѕвездите. И уште една до неа. Да не се обидува да си поигрува со народот и државата