Градоначалникот на Општина Аеродром, една од најголемите, ако не и најголема скопска општина, покажа добра волја. Наместо веднаш да го раскине склучениот договор со маркетинг агенцијата тежок 73.000 евра годишно, тој ќе го преиспитува! Не оти самиот сака, туку врз основа на јавниот интерес и тоа сукцесивно. Баш ќе биде интересно да се види до каков заклучок ќе дојде, каква ќе биде конечната одлука и како сукцесивно ќе се дојде до неа.
Во меѓувреме, аеродромци ќе се стрпат. Ќе продолжат да живеат неинформирани и неедуцирани за тоа што ќе сработи за нив нивниот градоначалник и со неговиот и на Општината (не)изграден имиџ. Како да не живеат таму и не гледаат, што секојдневно се случува пред нивните сопствени очи, туку во некој друг, недостапен свет.
А, којзнае, можеби е и така. Зашто, нивните очи не гледаат исто како и очите на Марин, па сега маркетинг агенција ќе треба, меѓу другото, да им ја разубавува средината и градоначалникот.
Според договорот, маркетинг агенцијата ќе треба да пишува соопштенија, да изработува презентации, да пушта покани до медиумите за настани, да прави листа од можни прашања од медиумите за Марин, но и да ги смисли неговите одговори. Покрај организација на настани, кампањи, таа ќе треба да се грижи и за протоколот на градоначалникот. Да му подготви предлог начин за обраќање и движење на јавните настапи. Да смислува содржини за Општината на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“.
Ауууу… Замислете, сето ова за 6.000 евра месечно! За 6.000 евра месечно народни пари на градоначалникот Марин да му подготвуваш листа на прашања, да му смислуваш одговори и да се грижиш за неговиот протокол! Па, добро, тој градоначалник има завршено високо образование или има купено диплома, има елементарна култура на однесување или треба да му се всади? Има изградено имиџ или со сила, вештачки некој друг ќе треба да го прави поличен, попаметен, поинтелигентен? Да чита човек и да не му се верува. Како Марин цел живот да го поминал во приказната за Снежана и седумте џуџиња, па скојдневно си го прашува огледалцето-Огледалце, огледалце мое, кажи на светот најубав кој е? И целиот среќен и исполнет ужива во волшебниот одговор-Ти градоначалнику мој!
А, замислете сите градоначалници на скопските општини да се решат на ваков Чекор? Колку пари на даночните обврзници ќе треба да отидат за „шминкање“ на градоначалниците? Да не говориме за сите останати над 70 општини. Туку, они не треба да му ја мислат кога Владата покажува добра волја и им ги покрива загубите и стари и нови. Политика-антиполитика!
Општина Аеродром е една од финансиски добростоечките општини. Но, тоа апсолутно не значи дека со парите треба да се расфрлува, а најмалку градоначалникот. Со предвидените пари за маркетиншко разубавување, на пример, можат две згради и тоа од оние најстарите да добијат енергетски фасади. Зашто, постоечките почнаа секојдневно да паѓаат и не дај Боже, само прашање на ден е кога може да настрада случаен минувач.
И тие нови фасади сигурно, без никаква пи-ар пропаганда, граѓаните ќе ги видат и ќе знаат дека градоначалникот сработил нешто. Без оглед дали е или не „нашминкан“.
Comments are closed for this post.