Излишни се два типа на утехи. Прва е онаа на Владата, дека нема одложување на ЕУ-интеграцијата на Македонија. Не, отсуството на (разговор на Берлинскиот процес за) датум за преговори беше само формален вовед во фактичкиот заклучок „заборавете на (јуни) 2019“… Вториот дека „септември е новиот јуни“ е на провладините медиумски орбитери. Џес-пломповските „инфлуенсери“ сега ќе мора да се ресетираат врз основа на реалноста што не сакаа да ја признаат уште во 2016. И тогаш и сега ние сакавме ресетирање на системот за функционализирање на државата, а тие сакаа ресет на државата за зачувување на привилегиите на системските миленици.

Ризикот од колапс на македонската надворешна и домашна политика е поголем од ризикот на колапсот на владата на Заев. Игнорирањето на се поотворените сигнали за непосакуваното, а се повозможно повторно одложување на датум за преговори во моментот ја држи тивка политичката сцена, но забрзува нови динамики. Притоа и тој и Димитров сакаат да се претстават како жртви на Преспанскиот договор. Но, тоа што со месеци не го кажуваат е дека нараснува(ше) премолчан(иот) европски консензус проширувањето да почека. И дека тоа е пристап и во Париз, Хаг, Копенхаген, Мадрид… но и во Берлин.

Сето ова би личело на ситење и задоцнета памет ако првиот пасус не се извадоци од текстот „Датум за почеток на преговори со ЕУ: Заборавете на (јуни) 2019“ од 2 мај, а вториот од текстот „(Одложено) соочување со реалноста“ од 6 јуни. А јас сум само еден од редицата опозициски политичари, аналитичари и новинари кои со месеци предупредуваа дека датумот е (се) подалечен, исто како што реформите ни се во застој.

Хан е веќе многу попретпазлив и помалку оптимист одошто нашите (про)владини полит-медиа претставници: „За жал малцинство земји-членки не беа во можност да го поддржат предлогот на Комисијата да отвори веќе денес преговори за пристапување со Албанија и С.Македонија. Не сме 100% сигурни до каде сме, но мислам дека направивме некаков напредок“.Хан веќе ја има потврдено и оценката дека Париз не бил осамен во заложбата за одлагање на извештаите за да ги оттргне од евро-изборната кампања, со изјавата: „Германија и други беа многу поддржувачки кон француските барања“. Изборните резултати покажуваат што е извор на обесхрабрувањето.

Дипло-министерската „Ќе не биде“ поезија на Димитров е небитна, па и смешна кога состојбата е сменета, а по евро-изборите и новите реалности во членките веќе во прашање е и самото проширување. Или во духот на беседништвото на Заев: „Европа е секси, но сигнализира дека не е заинтересирана да не викне на журка кај неа“.

Спротивставените информации за тоа кој бил „за“, а кој „воздржан“ за определувањето датум за преговори треба да се гледаат низ призмата на евро-дипломатскиот манир на градење документи кој не подразбира класично гласање, туку усогласување на содржините, па јасно е дека едногласното усвојување на заклучоците е можно само откако во себе тие ги вклучиле и балансирале сите поддршки и резерви. Впрочем исто како и изминатата деценија, иако појавно само Грција го стопираше процесот.

ПОТРЕБНА Е ПОЛИТИЧКА, НАМЕСТО КЛАСИЧНА ПАРТИСКА МОБИЛИЗАЦИЈА

Во владино-кадровска смисла, отсуството на поддршка од практично дузина земји-членки е индикатор дека Заев треба да им се заблагодари за досегашниот ангажман на пр. на „советникот близок до советник на Макрон“ и продавачот на гуми во БЕНЕЛУКС во премиерскиот кабинет, но и на советниците за надворешна политика и интеграции.

Истото во реконструкцијата треба да го стори и со Димитров и Османи, кои директно споделуваат одговорност за неуспехот. Едноставно, пристапот дека евро-интеграциите ќе се решат само во Брисел, Берлин и Париз се покажува погрешен, а игнорирањето на еден Мадрид, Копенхаген, Лисабон или Стокхолм денес се плаќа скапо.

А доколку премиерот продолжил со лажен оптимизам иако навреме го предупредиле дека ЕУ-интегративниот процес „заглавува“ – тој самиот треба да поднесе оставка.

Во оваа и во ситуацијата што ни се заканува во октомври нема лични или партиски добивки или загуби позначајни од оние на државата и општеството: октомври не е извесен термин, иако е нотиран во заклучоците. Впрочем, заклучоците се одраз и на резигнираноста кон проширувањето на ЕУ во неа самат, но и на осетното отсуство на реформи кои Европа (и САД) ни ги пропиша(а) како терапија уште низ „Пржино“ и комисијата и извештаите на Прибе.

ВЕТИНГ НАМЕСТО ШМИНКАЊЕ

Пи-ар алатките за одвлекување на јавното внимание од типот „апликација за поврат на ДДВ“ се неупотребливи и тоа се гледа низ општиот потсмев дома кон ваквите владини „балони“. За ЕУ интеграциите потребни се многу поробусни домашни процеси.

Голем исчекор може да се направи само доколку во Македонија започнат крупни проекти во областа на владеењето на правото и реформите, а тука неминовна тема е ветингот. Тема што операцијата „метла“ требаше да ја прекрие, но Заклучоците покажаа дека не може. Ветингот е заедничкиот почетен содржател на сите препораки за борба со корупцијата пред која сите затвораа очи, се додека таа не ги истисна вредностите, но и политиките и политичарите засновани на вредности. Парадоксално, најпрво на Балканот, а сега заканувајќи и се и на самата Европа.

И за крај, политичката мобилизација е потребна и во незапоставувањето на процесот на полноправното членство во НАТО. Позициите на Кипар (и Грција) кон Турција покажуваат дека за Македонија предизвиците во интеграциите не се однесуваат само на односите и околностите во непосредното, туку и со поширокото (медитеранско) соседство. И дотолку е покомплицирано.