Празникот Богојавление-Водици повикува да се очистиме од гревовите на алчноста, од гревовите на гневот и омразата. Со крштевањето во осветените води, празникот не повикува да ја прифатиме духовната зрелост, да си простиме, и смирено и со љубов да си посакаме добра волја како влог за подобро утре. Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник Богојавление-Водици.
Вака само пред неколку дена ни го честиташе големиот верски празник угледниот, честитот и достоинствен премиер Зоран Заев. Не знам колку сите ние, и тој самиот, ќе успееме да се исчистиме од гревовите на гневот и омразата, ама знам дека со алчноста ќе ни оди многу тешко. Зашто, последниот тендер на владината Служба за општи и заеднички работи за набавка на над шест тони месо за „празните стомаци“ на нашите министри, па ако сакате и на целата политичка елита, говори дека од некои работи власта, која и да е таа, тешко се откажува.
Очигледно, „чорба за пеевче“, цвеќиња, лубриканти… „не ги задоволуваат министерските апетити“. Тие се многу поголеми. Не според вредноста, туку заради „квалитетот на исхраната“. Чудно, ама вистинито. Ако се суди според последниот тендер, на нашите министри некако не им оди пилешкото. Нивните желудничиња не им се навикнати на него. Тешко им го вари.
Некако повеќе им лежат свеж јунешки мускул добиен од млади говеда, јунешки бут, јунешки рамстек, телешки бифтек, свински прави ребра меснати свежи, крезли и јатки од свежо јагне, прасечко, свинско каре, свинско филе, јунешки бут без коска добиен од млади говеда, и внимавајте, не постари од 18 до 24 месеци… Исто, ама буквално исто, како што се хранат и во сопствените домашни кујни. Нивните домашни помошнички и сопруги вакви специјалитети им подготвуваат секојдневно. Не дај Боже да сменат нешто. Па, било каква промена може негативно да им се одрази на нивниот начин на исхрана, а тоа, нели, си носи свои последици по здравјето, скраја да е.
И сега, некој може да забележи дека јавната набавка на шест тони квлитетно месо нема никаква врска со очистувањето од гревовите на алчноста. Ајде, и нека нема. Ама, има со расипништвото, со неизживеаноста, со недораснатоста, со недокажаноста, со исфустрираноста и со мал милион други нешта. А, да биде иронијата поголема, сето ова се случува во моменти кога пред Владата протестираат луѓе, обични смртници, кои со месеци и месеци не земале плата, останале без платени придонеси, кога невработени, стечајци и пензионери не смеат да вадат колку за парче леб на зелените пазари, кога 500.000 луѓе во државата живеат под прагот на сиромаштија…
Не знам зошто, ама на ум ми паѓа еден стар виц, што можби сте го заборавиле, а помладите веројатно не го ни знаат. Отприлика, вака некако одеше. На млад виолинист, вежбајќи дома му се кине една од жиците на виолината. И што да прави, оди кај првиот комшија. Комши, извини, му вели, да не имаш случајно жица за виолина? Жалам, комши, немам. Ама, оди во месарница и побарај жила од теле, сигурно ќе ти заврши работа. И младиот виолинист оди во најблиската месарница. И на месарот му вели, прости комшија, да не имаш случајно жила од теле за жица од виолина? Аууу, извини комши, немам жила од теле, ма имам такво од крава за усна хармоника, ако ти врши работа. А, ништо комши, извини и многу ти благодарам.
Кога нема пилешко, и јунешки бут без коска добиен од млади говеда, и внимавајте, не постари од 18 до 24 месеци се добри. Независно од тоа дали некој од министрите свири на виолина или на усна хармоника.
Comments are closed for this post.