По затворањето на оваа фаза во политичките прашања и надворешни спорови, во очекување на нивното решавање согласно постигнатите договори, главен приоритет (о)станува економското и системското заздравување и отворање/настапување кон регионалната, континенталната и светската економија. Тука одржувањето (предвремени) избори е прашање на политичка, а не на политикантска одлука.

Главна (економска) вест минатата недела e одржувањето на Македонско-бугарскиот бизнис форум, каде акцентот на средбите меѓу македонската и бугарската владина делегација е ставен на енергетските, инфраструктурните и соодветните економски прашања од соработката на двете земји. Притоа, би се задржал на охрабрувачките информации дека конечно е официјализиран македонскиот државен (економски) интерес во „почетна фаза“, каде Македонија проучува дали, вклучувајќи се во овој проект, би ја задоволила потребата од основни енергетски извори – какви потреби има во моментот“, како што изјавил, оправдано, вицепремиерот Анѓушев.

Како еден од ретките, но за среќа не и единствен, што во земјава ја застапуваше ваквата идеја уште во 2015/16 за Македонија да дојде до пазарен, евтин и траен извор на електрична енергија по повластени услови согласно учество во инвестирањето во „Белене“, нема да се задржувам на веќе елаборираната потреба и можностите од ваквото јавно-приватно партнерство кое треба да обезбеди поевтина цена на струјата, што во македонскиот производ учествува како значаен елемент и на тој начин ќе го поевтини, односно ќе го направи поконкурентен. Тоа треба да мотивира и приватни инвеститори од македонска страна, но и буџетско државно инвестирање, преку ЕЛЕМ на пр., за кое и бугарската страна ги има согледано можностите и потребите и е отворена за сите нејзини „соседи, пријатели и партнери“, како што пренесоа тамошните медиуми, заклучувајќи: „Очигледно е дека допрва ќе се водат сериозни разговори. Идејата за тоа „Белене“ да се претвори во општо-балкански проект се појави почетокот на 2018, кога премиерот Бојко Борисов ја покрена можноста за заедничко финансирање на овој проект… Конкретни разговори дали и како Македонија би учествувала во АЕЦ Белене ќе се водат следните месеци.“ Истата можност да стане своевидна трговска платформа бугарската страна ја најавува и за гасоводот „Балкан“, а договорена е и заедничка гранична контрола, довршување на железничката пруга Скопје-Софија и означена е целта робната размена од 700 милиони да достигне 1 милијарда.

Кога ќе се види ваквото придвижување по Договорот за добрососедство со само еден од соседите, гледајќи ја „големата слика“, станува јасно какви се перспективите доколку политиката даде импулс на развојот на бизнисот. Секако, тоа е можно доколку се комплетира „микро-сликата“, односно доколку политиката го заземе своето природно место – на креатор на стабилни институции кои ги гарантираат мирните, просперитетни услови за развој на бизнисот, преку предвидливост на регулативата и примена на законите.

Но, горенапишаното е и илустрација за тоа колку процесите се поспори во однос на потребите и колку е потребно „поклопување на коцките“ за да се дојде до посакуваното придвижување во одредена област. Затоа и сакам да предупредам дека претерано би било очекувањето оти расчистувањето на интеграциските пречки магично ќе ги расчисти и магливостите во нашиот институционален и економски систем или пречките на патот на интеграциите што ниту Скопје, ниту пак Белград, Подгорица, Приштина или Тирана би ги предизвикале на патот кон Брисел.

Така, доколку денес основните аргументи за избегнување на предвремените избори се бараат во оддалечувањето на датумот за почетокот на преговорите за членство во ЕУ поради (пред)изборниот застој што неминовно ќе застане, би било коректно да се запознаеме и со можностите до ваквото одложување да дојде и од причини кои не зависат од нас самите. Реална опасност е Македонија да го плати задоцнувањето во интеграциите процеси, станувајќи дел од нив во фазата кога самите интеграции ќе ја пронаоѓаат и дефинираат својата структура за следните три децении, што нема веднаш да ги донесе очекуваните и потребните бенефити, создавајќи нова понеповолна општествено-политичка динамика во нашата земја.

Малку поширокото опсервирање на состојбите во ЕУ ќе покаже дека проширувањето денес не е тема на денот во Брисел, ниту во метрополите на земјите-членки. Ако моментумот (за Западниот Балкан) барем навидум беше создаден за време на бугарското претседателство со Унијата, австриското претседателство не го одржа таквиот имиџ, а веројатно малкумина воопшто и знаат дали и какви напори денес прави романското претседателство во насока на одржување на процесот на приближување на Западен Балкан кон (членството во) Унијата.

Ако, пак, се гледаат процесите најавени со француско-германскиот договор неделава и неговите реакции во најавата за „потребната“ оска Рим-Варшава (читај Вишеградската група), јасно е дека изборите за Европскиот Парламент пролетва ќе бидат кулминацијата на првата фаза на процесот на внатрешно престројување на Унијата за кој сите европски лидери, а особено оние од традиционалните земји-членки, зборуваат и го најавуваат веќе година дена. Европскиот колитис, првиот референдум за „Брегзит“ и британската сага за излез од Унијата, се покажа како негов катализатор. Дали процесот возвратно ќе катализира втор референдум во Обединетото Кралство што Корбин веќе не го одбегнува – останува да се види.

Затоа, заокружувањето на оваа фаза на македонското безбедносно и економско интегрирање е процес што неминовно мора и ќе се заврши без оглед на тоа кој е на власт. Отворањето и вмрежувањето на македонската економија во целните интеграции е несопирлив процес, а позиционирањето на земјава внатре во интеграциите ќе треба да биде внимателно и мудро, во соработка со соседите и стратешките пријатели. А прашањето дали тоа ќе следи пред или по предвремени парламентарни избори сепак е – второстепено. И на него правилен одговор може да даде само вистинската политика, а не политикантството и дневното калкулантство.