Не може да ме сменат, како мислите да ме сменат? Во законот нема персонални решенија, не пишува дека ќе смени лицето тоа и тоа, се знае што се пишува во законот, мислам ако сте писмени толку во Македонија за да сфатите дека тоа не пишува во законот.“
Ваква порака ни испрати не толку одамна специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Ни испрати и остана жива. А, ние засрамени, со поднаведнати глави останавме со прстот в уста. И со две прашања. Прво, дали навистина се најдовме во ситуација една специјална јавна обвинителка, со факултетска просечна оценка од нешто над чиста 6, да не прави полу или целосно неписмени за да не знаеме дека во закон не се пишува име и презиме, па било тоа да се однесува на јавно обвинителство? И второ, може ли и како од „ангел“ се станува „демон“?
Одговорите може објективно и субјективно секој сам да ги даде. Колку и самата Катица да се чувствува моќна, силна, недопирлива и незаменлива, сепак тоа не и дава за право да прави било кого, а најмалку јавноста полу или неписмена. Начинот на нејзината комуникација одамна ги минува границите на пристојно однесување и добар вкус. Дотолку повеќе што одамна мина времето кога во јавноста требаше да се промовира во некаква бледа копија на еден од главните ликови од филмуваната сторија за „Чарлиевите ангели“.
Не требаше да помине многу време од формирањето на Специјалното јавно обвинителство за да се препознае дека не се далеку од вистината сите обвинувања на негова адреса оти настапува политички и селективно, што целосно ја доведе во прашање неговата кредибилност, дигнитет и интегритет. И како институција и како личности во него.
Последната авантура во јавноста, пак, со изјавата дека не може да гарантира оти најновите „бомби“, што се објавуваа преку фејсбук профилот со псевдоним „Ел Чека“, не се излезени од строго контролираните постории на СЈО, само ги потврди јавно изнесените размислувања во јавноста од поединци од сите профили околу интелектуалните и професионалните способности на Катица Јанева. И ако кај некого постоеле сомнежи, сега самата таа се „закопа“. Зашто, сите обиди на институцијата, што ја раководи, да ја „ испере„ и да ја убеди јавноста дека „бомбите“ сепак не се излезени од СЈО се залудни.
Залудни се од една едноставна причина, зашто штом во јавноста се појави сомнеж, тој со ништо не може да се отстрани. Нешто слично како кога ќе се скрши обичен бокал за вода. Колку и да сака човек, тој не може да се залепи. И крај на приказната.
А, тој крај, всушност, е одговорот на второто прашање. И од „ангел“ можело да се стане „демон“. Само што него не треба да ни го дадат Дру Баримур, Луси Лиу и Камерон Дијаз. Ни го даде самата Катица Јанева. И што побргу самата го сфати тоа, подобро и за неа и за општеството. Не треба ни да го чека крајот на мандатот, а уште помалку да размислува за нов. Едноставно, дојде времето за збогување. Со неа. Збогум г-ѓа Катица Јанева.
Comments are closed for this post.