Провладините ботови веќе не можат да им парираат на критиките кон Владата ниту во традиционалните медиуми, ниту на социјалните мрежи и главни одбранбени средства им се иронијата, одговарањето на прашањата со прашања или игнорирањето. Интересно, токму тоа дополнително го поларизира јавното мислење кое преминува во анти-владино: непримерното расфрлање на Заев со ветувања ги подигна очекувања за кои граѓанинот поединечно и колективно сега веќе оценува дека плаќа прескапа цена.

Но, ова чувство веќе не е само домашно. Откако ја упатил најсериозната порака дека (парафразирано) датумот за преговори ни е еднакво далечен како и реформите, францускиот амбасадор ја напуштил трибината на која присутните од власта само молчеле. Молкот потврдува дека знаеле какво е расположението во многу земји-членки на ЕУ, а обидот на омилените новинари на власта тоа да го прикријат отсликува колку очајно е потребен уште некој збор надеж за октомври. Но заминувањето од трибината покажува дека странците тоа веќе не го толерираат. Значи, релативизирањето на отсуството на датум може да потрае до октомври. Потоа…

ПАРАЛИЗИРАНОСТА НА СИСТЕМОТ (ЌЕ) ЈА (С)РУШИ ВЛАДАТА

Таа е истата парализа што настана како последица на корпоративното владеење на Груевски со ЕУ-бирократско спонзорство. Од неговото бегство, преку нечепнувањето на спрегите во судството, тендерирањето без концепт и инвестирањето јавни пари без развојна идеја, до праксата дека се што е позначајно го вршиш „преку партија“.

Состојбата ќе беше надминлива доколку за владините партнери во ова парто-клиентелистичко корумпирање беше побитно како да ја прекинат шемата, а не кој ја „провалил“. Затоа денес веќе е предоцна: нема втора шанса за прв впечаток.

Тоа го потврдува отсуството на дразба и по последните кадровско-владини рокади, што самиот Заев ги компликуваше неколкукратно. Прво, обидувајќи се вината за нефункционалноста на Владата да ја префрла само на ДУИ, иако мнозинството „реформски“ ресори се во надлежност токму на негови партиски кадри. Второ, обидувајќи се да даде претстава дека по „средувањето на надворешно-политичките“, сега се префрла на внатрешните економско-политички предизвици, а всушност само најавува домашна мешаница еднаква на се понеизвесниот датум за преговори. Трето, отворената пресметка со внатре-партиската и коалициска „опозиција“ сега го става во се поранлива политичка позиција.

ВО ВЛАДА НА ЛАЖНИ ПОЛИТИКИ, РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НАЈАВУВА ДЕКОНСТРУКЦИЈА

Ако се повлече паралела, Заев денес во третата година од владеењето е во истата позиција во која се наоѓаше Груевски пред демисионирањето по девет години власт: во ветувањата си веруваат само тие, а сите околу нив знаат дека тоа е „премалку и предоцна“ бидејќи сфаќаат дека станале „потрошна роба“.

Она што „Шарената“ беше во организирана форма во 2015, денес е „Револуцијата на индиферентните“ – плејада луѓе што ја поддржуваа новата влада замолкнаа, бидејќи бараа систем на институции за заштита на вредностите, а добија вдомување на пар системски миленици на „државна плата“. Оние што граѓанскиот концепт го бараа низ владеење на правото за секого, а едното општество за сите го гледаа како солидарно со луѓето, а не со партиските раководства и бизнис-медиа-дипло клановите.

Луѓе на кои им се изневерени очекувањата за борба со корупцијата, за интеграција врз основа на средена држава, достапни институции, консолидирана економија, „скоцкана“ администрација… без чувството на Албанците дека Македонците им ја октроираат политичката сцена, но и без чувството дека Македонците се онеправдани низ нееднаквото владеење на правото поради владино-партиски договор.

ПРЕЛЕВАЊЕ (НА ЧАШАТА)

Чувството за онеправданост од кај Албанците денес е прелеано и кај Македонците. Не толку поради меѓународните договори, колку поради непознаниците околу интеграциите и покрај нивното потпишување – токму бидејќи интеграциите се доживуваа како гаранција за спроведување на домашните реформи со кои ќе се дојде до функционален систем и пристоен животен стандард.

Исто така и поради чувството дека македонизмот што не се чита со белградски очила станува предмет на „Фејсбук-лицитација“, наместо на интелектуална, политичка и доктринарна сублимација за адекватната улога на македонскиот народ, нацијата и државата (Северна) Македонија како раскрсница на пет соседи.

Време е за предупредување дека тековната полит-партиска клептоманија ќе се обиде дефинирањето на модерниот, пост-југословенски македонизам повторно да го искористи за раздор во македонскиот народ што ќе се прелее врз нацијата. Онака како што борбата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од 1992 наваму за тоа кој е „подржавотворен“ за Македонија беше покритие за одвлекување на вниманието на Македонците од (до)приватизацијата на државниот и јавниот капитал, а не воведе во 2001.

Запоставеноста на рекалибрирањето на македонизмот, кој веќе не може да е заснован на етнофобии дома и предрасуди кон соседите, ја јаде самодовербата на народот и прашање на време е кога компетитивниот национализам ќе го отфрли во име на службењачки мотивираниот шовинизам.

***

При крајот на владеењето на Груевски, се сметаше дека слабостите на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беа последица на преземањето на раководните структури од страна на кадрите на ДА. Владеењето на СДСМ денес исто така се проценува дека е последица на преземањето на раководните структури надвор од партискиот „кор“. Можеби од ДУИ? На начинот што најмалку е очекуван?