Да не беше едно видео, што деновиве се врти на социјалните мрежи, апсолутно немаше да знам дека вештите женски раце од струмичко подготвиле посебен специјалитет „путкички“. Не разбрав точно од кое место биле, но сфатив дека со специјалитетот победиле на Тримери во Струмица во категоријата Вешта жена. Честитки за успехот и се надевам дека ќе ми се пружи можност да ги пробам „путкичките“.
Во секој случај, алал да им е на вештите женски раце. Тие дошле до производ, чие име во многу потсетува на една реплика на Ванчо Петрушевски, Бог да му душа прости, во ликот на Паца Петрушевска од антологиската претстава на Сашко Насев-„Женски оркестар“. А, колку што се сеќавам, Паца им се жали на своите колешки дека нејзината мама Ристенка имала некакви болки. И на нејзиното прашање што ја боли, мама Ристенка и вели „главата ме боле и путкичката ме боле“. И тоа на гевгелиски дијалект од каде што, според сценариото, потекнува Паца.
Угледниот, достоинствен и чесен премиер Зоран Заев, замислете, кажа нешто и го исполни зборот. Не излажа! По годишното обраќање пред пратениците на претседателот на државата, Стево Пендаровски, Заев конечно ја поднесе оставката во најава на премиерската позиција, стара речиси точно два месеци. И сега, како слободен бизнисмен, без никакви политички обврски, на раат ќе може да јаде „путкички“. Барем така се очекува, иако нема многу простор за верба во такво нешто. Зашто, како го донесе својот наследник на партиската и премиерската позиција, шетајќи го со себе како мечката Божана, повеќе е за верување дека тој и понатаму ќе ги влече конците на својата обична марионета, што секако не ја исклучува можноста за јадење „путкички“ во Струмица.
Обично, заминувањето на еден премиер од функцијата треба да биде предмет на анализи. Но, тоа може да важи за друга личност, ама не и за личноста на Зоран Заев. Неговото практицирање на власта во изминатите четири ипол години има само една споредба. Со римскиот император Василиј Втори, кој го добил прекарот „Бугароубиецот“. Разликата е само во називот-Зоран Заев Малиот „македоноубиецот“! И во периодот, првиот опстојувал кон крајот на 10 и почетокот на 11, а вториот во 21 век.
Зашто, тоа што Зоран Заев им го направи на Македонија и на Македонците немаше да им го направи ни да му беа лична сопственост! Прашање е дали така ќе се однесуваше или се однесува кон сопствените вработени и фирмата „Еленица“?! Убеден сум-не. Апсолутно не!
Едно од првите (нео)либерални пера во државава, не така одамна, се обиде предвреме да ни каже што ќе пишува на гробот на Зоран Заев. Иако можеби делува морбидно, зашто станува збор за жив човек, тој сметаше дека на неговото вечно почивалиште ќе пишува „Човекот кој самиот ја внесе Македонија во ЕУ“. За жал, предвидувањата на (нео)либералното перо не се остварија.
Зоран Заев не само што не ја внесе Македонија во ЕУ, туку и создаде такви проблеми, и тоа чисто идентитетски, пред се со соседна Бугарија, од кои и државата, и општеството, и Македонците тешко ќе се опорават. Настрана сите досега доживеани понижувања, девалвирања, страдања и превисоко платената цена за членството и влезот во НАТО-алијансата, со промената на Уставот и името на државата за што, уставно, законски и институционално не доби виза од мнозинството граѓани во државата.
Како и зошто Заев стана лидер на сега владејачкиот СДСМ и како и зошто беше донесен на власт, без да победи на парламентарни избори, од оваа временска дистанца може да не им биде јасно само на партиските слепци, на медиумските клиентелисти и на невладините платеници. На сите останати, особено на обичните граѓани, тоа им е повеќе од јасно.
„Живот за сите“, „Нема правда, нема мир“, „Едно општество за сите“ беа главните пароли со кои Заев дојде на власт. Четири ипол години подоцна паролите останаа голи флоскули, а праксата ни покажа и докажа дека тогашната власт на сегашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ и екс-лидерот Никола Груевски, со сите грешки собрани на купче во спроведувањето на нивните политики, беа мали деца или, подобро речено, „Девици Марии“ за практикувањето на власта и политиките на Зоран Заев и неговиот СДСМ.
„Комплексот Груевски“ ни случајно не може да биде изговор за неуспешното владеење на Заев. Заев ниту донесе живот, особено не живот за сите, ниту донесе правда, ниту се сите еднакви во општеството, ниту се справи со корупцијата, ниту се справи со непотизмот, ниту го оправи правосудството, ниту донесе владеење на правото, ниту функционални институции, ниту ја подобри економската ситуација во земјата, ниту видовме странски инвестиции, ниту подобра јавна и државна администрација, ниту возиме по подобри патишта, ниту изгради километар автопатишта… Ништо од тоа. Нула. Дупло голо.
И сите обиди Зоран Заев да се претстави како некаков Месија и успешен политичар е само чиста пропаганда и ништо повеќе од тоа. Народот, оној обичниот, одамна користи една поговорка „Од го*но чоколадо не бидува“. Да не бидам погрешно разбран, со ова ни случајно не сакам да кажам дека Зоран Заев е „го*но“. Не, и ако некој, а посебно г-динот Заев така го сфаќа, однпаред се извинувам. До небо. Како што и самиот г-дин Заев, чинам, ако добро се сеќавам, ни се извинуваше во една пригода. Не, тој е угледен, достоинствен и чесен.
Тоа што Зоран Заев ни го остава во аманет е именувано како хибриден режим, а тоа, според една негова партиска колешка, е повисоко ниво од „режимот“ против кој, наводно, се бореше. Ни остави рекет, криминал, корупција, грабеж, неодговорност, отсуство на секакви етички, морални и било какви вредности во општеството, нереформирано правосудство, нерефомирана администрација, нереформирани и злоупотребени тајни служби и полиција, селективни и разгоропадени обвинители, платени судии, чист политички прогон на неистомислениците и на критички настроените новинари, невини луѓе по зандани, драконски затворски казни на измислени терористи и нивни „организатори“… Но, што е поважно, остави зла крв и поделеност, пред се, меѓу Македонците, враќајќи ги еден век назад, во времето на братоубиствените војни, отварајќи нова страница во македонската мартирологија.
Заев ги подели Македонците на Македонци, северџани, Бугари, ги подели на зло и добро, ги подели на прогресивни и регресивни, ги подели на европејци и антиевропејци, ги подели на про-НАТО и анти-НАТО, ги подели на проамериакнци и проруси, ги подели на про-вакви и про-онакви, ги подели на… Ги подели по безброј линии. Ги донесе во ситуација, брат со брат да не се види, да не сакаат збор да разменат, да не се слушне поинаква мисла, да не знаат да дебатираат меѓу себе, да се мразат, да стравуваат за личната безбедност, да не знаат дали ќе им опстане единствената држава што ја имаат, да не знаат дали уште утре ќе бидат бугаризирани, да не знаат кој правец да го фатат и како што побргу, и старо и младо, да избегаат од сивилото, апатијата и целосната бесперспективност, да избегаат од владеењето на малцинството над мнозинството, да избегаат од неспособноста, неодговорноста и неказнивоста на партиските криминалци, кои ја злоупотребуваат политичката моќ и позиција…
Зоран Заев не мораше да поднесе оставка. Но, политичкиот коцкар во него, целосно дојде до израз. Одлучи да се коцка со (до)вербата на сопствениот народ. Истиот тој народ кого сакаше, како што слушнавме од снимените разговори, да го е*е. И да, Зоран Заев, како голем е*ач го изе*а својот народ. Но, на крајот, на избори и народот го изе*а него, па мораше да си замине и од партиската, и од премиерската фотелја. Зоран Заев било и да не се повтори. И нека ужива во вкусот на „путкичките“.
Comments are closed for this post.