Сигурно ви е позната римската поговорка, која вели дека токму слогата ја прави татковината силна. Затоа, нашите источни соседи, мудро, ја имаат истакнато како лозунг на зградата од нивниот парламент, на сред Софија! Но, во нашата татковина, пак, сè е спротивно од пораката и значењето на поговорката, сè што може, ама буквално сè е поделено, разединето. И оди потоа речи, дека имаме заедничка историја со „Бај Гању“! Ние сме ти учени, уште од времето на Александровите дијадоси да војуваме меѓу себе, потоа од времето на римските мериди, да ни ја делат татковината, потоа и народот. Во османлиски услови, во времето на актуелните европски процеси во XIX век – романтизмот и национализмот, се чини дека процесот на градење народно заедништво, слога, зачекорил во реалното македонско делување. Затоа, ниту султановата власт, ниту жедта на пропагандите од соседните балкански држави по „културните и лингвистичките души“ на народот не успеале да ја анулираат митско-генеративната моќ на името Македонија. За пошироката народна свест, таа и понатаму била синоним за заедничка татковина со свои посебни интереси и своја политика.
Во овој контекст е и забелешката на британскиот современик Хенри Н. Брејлсфорд: „Нивните балади за бунт во кои зборот ’Македонија‘ се јавува во секој рефрен докажуваат дека тие имаат татковина“. Како прецизирање на споменатите заменки во реченицата на Брејлсфорд, го приложувам искажувањето од неговиот современик, рускиот дипломат Александар Петрјаев (1909), кој терминот „Македонија“ го квалификува како „поскоро политички, отколку географски“ и „опфаќа во себе дел од провинцијата на Европска Турција, имено вилаетите: Солунскиот, Монастирскиот и околу половина од Косовскиот“. Тој дава интересна информација и во врска со прашањето за населението: „доколку бидат изделени од класификацијата наполно определените и самостојни типови: Турците, Евреите и Циганите… тогаш останатото население претставува самото по себе свој, наполно посебен, смешан ’македонски‘ тип, кој што е неможно да биде подведен под ниту една од етнографските групи. Сите именувања, што му се даваат нему – Бугари, Грци, Срби, Албанци и Романци (Куцо-Власи) се јавуваат единствено како политички етикети, што му ги натрапуваат соседните со Македонија балкански држави, вака или инаку заинтересирани за нејзината судбина… во Македонија нема ниту Грци, ниту Срби, ниту Бугари, ниту Романци, во онаков вид, во каков што ги среќаваме нив во соодветните на овие националности држави… кога се обрнував кон населението на ова или она место со прашањето на која националност тоа ѝ припаѓа, тогаш, без измена го добивав одоворот: дека тие се ’Македонци‘ и дека единствено жителите на пограничните области, соседни со балканските држави, се нарекуваа себе си – Бугари, Срби, или Грци.
Во сегашно време практиката на македонската живеачка ги има создадено и своеобразните етнографски именувања: гркомани, бугаромани, србомани и влахомани, со кои се преименува себе си населението, во зависност од припадноста кон едната или другата од националистичките пропаганди“, констатира Петрјаев. И навистина, живеачката (економска, политичка, културна, геостратешка) влијаела на разјадувањето на слогата и на моќта на неединството и поделбите. Од времето на Балканските војни (1912/13) ние сме поделени територијално, политички. Но, најстрашна е народната поделба, разнебитувањето на македонскиот народ. Иако делумно, само во еден краток историски исечок ја воспримивме пораката за моќта на народното сплотување, создавајќи слободна македонска држава во екот на антифашистичката борба – Република Македонија, како матица на македонскиот национален дух. И тоа, сега го нема! Благодарение на НЕСЛОГАТА – срамните амбиции и ненаситност за азно, интригите, расправиите и групирањата, ползењата и штетните ласкавости, незнаењето и измамите, добивме злосреќа и страдање! Добивме октроирана власт, која ја погази граѓанската волја за непромена на ИМЕТО, беа донесени (не)уставни амандмани, доживеавме кршење на човековите права, видовме политичка и лична дрскост. Република Македонија институционално е нападната, на нејзината територија има власт која се представува од името на државата „Република Северна Македонија“. Мистификации од највисок ред, демагогија, внатрешни драмолетки и меѓународни сценски настапи закитени со признанија за ѓоа „мир и безбедост“! Козеријава добива катастрофални размери, дури до Обединетите нации, кои веќе се информирани за новото име на земјата. Ех, што ти е неслога! Убаво вели Б.Конески: „како се измеша веков, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“. Бездруго најсакан и најпочитуван треба да е зборот на слогата –Татковина, со ништо не се премерува: тука сме родени, ќе умреме тука. Писаниево го звршувам со една кинеска мудрост, како поука: „Внимавајте на вашите мисли тие стануваат зборови, внимавајте на вашите зборови тие стануваат акции, внимавајте на вашите акции тие стануваат навики, внимавајте на вашите навики тие стануваат карактер, внимавајте на вашиот карактер тој станува судбина!“
Меѓу другото, да ве потсетам: СЕВЕРНА, никогаш! МАКЕДОНИЈА на Македоците!
Comments are closed for this post.