Дебатата меѓу научниот свет е вистинска – се спори дали златната рипка, која многумина, меѓу кои и јас, си ја чуваат дома во најразлични стаклени садови, која не прави весели и ни го одзема стресот, има меморија од цели три секунди, или можеби повеќе. Некои научници тврдат дека нејзиното сеќавање е подолго од три секунди, па дури тврдат дека може да се сети на работи од пред неколку месеци.
Ако денес бараме нација која треба да се истражува и опсервира по прашањето за колективната меморија, за да се спореди со златната рипка, несомнено тоа е македонската нација. Ова секако не е воопшто точно, но бидејќи Македонците се сега низ процес на генетски инжењеринг и се калемат во некоја нова квази нација без темел и без корен, вакво истражување вреди да се направи. Прашањето е – на што во историјата можат Македонците да се сетат и до каде оди нивниот историски корен?
Во моментов не можеме да дадеме некаков издржан одговор на ова прашање, зашто сега се ферментираат историските читанки, односно како што и доликува на квази нација, таква квази историја треба и да и се создаде. Значи лабораториска историја. Во таа историја можеме да се пофалиме со меморија слична на таа на златната рипка.
За среќа постои и орална историја, па вистината за македонската нација ќе се пренесува така од колена на колено, се додека некоја политичка опција не ги доведе работите како што треба. Да бидат нормални.
Деновиве инаку ќе бидеме сведоци на бришење на дел од историската, колективна меморија поврзана со (потребата) Сонцето од Кутлеш. Станува збор за антички македонски симбол, познат и како шеснаесетзрачно сонце, Сонцето од Кутлеш, од Вергина или Сонцето од Дион, според симболот на едно од најважните македонски светилишта кое се наоѓа во близина на Пела (Постол). На овој симбол опелото му беше отпеано со Привремената спогодба (оти нели Македонците нема што да се замараат со симболи), а погребот беше закажан за 12 август 2019 година, нецел месец по одбележувањето на роденденот на Александар Македонски, согласно Преспанскиот договор. Така се што е 16-крако сонце или личи на тоа, на јавна зграда, ќе мора да се брише, или да се стави плочка дека е тоа хеленистички симбол. А демек Хелените се Грци.
Против оваа флоскула некогаш нашата дипломатија се бореше во САД, се блокираа прогрчки резолуции во Конгресот, ама дојде денот оваа македонска држава самата да произведе таква антимакедонска резолуција. Интересно, овој симбол не смее јавно да се прикажува, нема да смее да се вее знамето, но тоа ќе биде овде во Северна Македонија, зашто тој симбол го имаат за свој и го употребуваат секојдневно Македонците, на пример во Бугарија (Пиринска Македонија ) и во Грција (Егејска Македонија), или во Албанија (Преспа).
Проблемот, е значи во оваа држава. Е, сега ќе почнат и да се отвораат прашања со кршење на човековите права произведени со Преспанскиот договор и со неговата примена. На пример што со Македонците кои се идентификуваат себе си со 16-кракото сонце и го сметаат за свој национален симбол. Што со нив? Зошто тие да не можат да го користат секојдневно тој симбол и да го истакнуваат на јавни објекти? Што со тие Македонци кои го сметаат Филип Втори и Александар Македонски за свое историско наследство? Оти ако има таму „нивни“ Македонци во Грција, претежно во северна Грција, што со „нашите“ Македонци во „Северна Македонија“? Не може тие таму да имаат право на користење на тој симбол и на еден историски наратив, а нашиве Македонци да го немаат тоа право.
Оти, ако Преспанскиот процес не подели како нација, не може никој да ни го оспори правото да си ги бараме нашите права, како Македонци, кои се флагрантно прекршени.
Comments are closed for this post.