Крајот на историјата“ е легендарното дело на познатиот американски политиколог Френсис Фукујама во кое тој го најави крајот на Студената војна и победата на западната демократија во светот.

Според некои, Западот и САД особено ја понесоа победата во Студената војна заради демократскиот модел на управување што предлага одржлив економски и политички систем. Од тогаш, светот постојано се менуваше, а Соединетите Американски Држави беа дежурниот полицаец во светската политика.

Но, светот веќе не е биполарен, ниту униполарен. И би рекол за наша среќа, тој е мултиполарен. На меѓународната политичка сцена се појавија нови светски сили, а моќта на државите е сѐ помалку во нивни раце. Во светската политика се појавија т. н. недржавни актери.

Тука се мултинационалните корпорации и меѓународните невладини организации. Токму во текот на оваа пандемија со корона вирусот видовме колку е големо влијанието на овие недржавни актери во светската политика. А особено на транснационалните компании, кои направија невидени профити во овие неколку месеци.

Претпоставувам дека секој од нас си го поставува прашањето кога ќе биде крајот на оваа пандемија? Дали се гледа тој крај? Дали тој крај ќе значи почеток на некој нов светски поредок т. н. „ново нормално“, или тоа ќе биде „ново ненормално“? Веќе неколку месеци живееме под специјални здравствени протоколи, одредени рестрикции и ограничувања во движењето. Поминавме еден бран на корона вирусот, дојде втор, а можеби и трет.

Во пресрет на божиќните и новогодишните празници гледаме дека во европските земји се планираат и воведуваат дополнителни мерки и ограничувања во забавата, движењето и собирањето на луѓето. Пандемијата и кризата со корона вирусот покажаа колку државите се себични и несоработливи едни со други. А преку изборите во САД видовме дека дури и во најголемата светска демократија луѓето се поделени меѓу себе, а тоа сѐ уште го гледаме и деновиве.

Пандемијата предизвика здравствена криза што однесе над еден милион човечки животи во светот, а исто така донесе и економска криза и сиромаштија, со што неколку милиони луѓе останаа без работа и приходи и се на раб на гладот. Корона кризата го смени светот за неколку месеци. И повеќе од очигледно е дека на светот ќе му треба уште долго време за да се опорави од оваа криза.

И да се вратам на прашањето, дали се гледа крајот на пандемијата? Мислам да, се гледа почеток на крајот! Дали има надеж за светот? Има. Светот ќе продолжи да се врти. Но, Галилео може л…. да јаде. Сепак, светот го вртат парите. Се појавија вакцините против корона вирусот.

Веќе сме сведоци како некои од недржавните актери како фармацевстките компании истрчаа на пазарот со своите вакцини во „спас на човештвото“. Гледаме дека на светот му претстои можеби најголемата кампања за вакцинирање што некогаш била направена во историјата.

Владите во светот започнаа да одобруваат вакцинација на населението и веќе купуваат вакцини. Во иднина во „новото нормално“ при патување можеби ќе треба да приложуваме т. н. ковид пасоши кои ќе потвдат дека сме примиле вакцина против корона вирусот.

На крај, мислам дека најголема неизвесност нѐ чека на политички план и начинот на кој политиката ќе функционира и ќе ги обликува сите други аспекти од нашиот живот. Тоа го велам, бидејќи бевме сведоци како државите во светот на заедничкиот непријател – корона ворусот не му пристапија со заеднички напад. Се наоѓаме на крајот на една ера од „крајот на историјата“, ера што започна со пад на комунизмот во светски рамки, светот помина низ една глобална финансиска криза, и еве сега таа ера завршува со светска пандемија.

После крајот на пандемијата, следното прашање е каков ќе биде новиот светски поредок или ред?! Од досегашното искуство, јас би рекол дека ќе биде без ред или неред, со ривалство меѓу светските сили, изразено на различен начин на правење на работите, лукаво, подло и крајно себично.

И каде сме ние како мала државичка во новиот светски неред? Со ЕУ гледаме дека мака мачиме, а и таму во ЕУ работите не се баш најсјајни. Едноставно, европските лидери не знаат на каде тераат, а нашето интегрирање не им е баш меѓу приоритетите.

Сега за сега си имаат други приоритети и проблеми, на пример не можат да се договорат со британците. И додека сме во чекалната, сметам дека најдобро ќе биде во овој нов светски неред да бараме сојузници со кои споделуваме слични вредности. И на тој начин, белки ќе го најдеме патот кон „рајот“, додека чекаме овој „европскиот“ да ги отвори вратите за нас.