Луѓето често сакаат работите, нештата да ги поставуваат во рамки, па дури и своите мисли и идеи да ги врамуваат. Можеби, така е полесно и поедноставно за мнозинството. Вообичаено, рамките се користат секојдневно за да го обликуваат нашето размислување и дејствување преку политиката и медиумите.
Вметнувањето на рамки опфаќа множество на концепти и теоретски перспективи за тоа ние како индивидуи, во разни групи, или како општество се организираме, восприемаме и комуницираме за и во реалноста. А, често пати се вели дека е добро да избегаме надвор од рамките за да можеме да ја погледнеме поголемата слика за реалноста.
Ова со поставувањето рамки и врамувањето ме тера да мислам на денешниот ден тринаесетти август, кој во нашата понова историја е запишан како ден на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Со тој договор потпишан на Англиски јазик и наименуван како Рамковен договор, а под притисок на меѓународната заедница беше завршен етничкиот воен конфликт меѓу македонските бранители и терористичката ОНА.
И ајде да погледнеме малку надвор од рамката. Денес ДУИ како политичка реинкарнација на терористичката ОНА ќе ја прославува дваесет-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Интегративците ќе прават една многу скапа забава во време кога бројот на заболени од корона вирусот забрзано расте и веќе сме на прагот на четвртиот бран од пандемијата.
Вистината е дека ДУИ ја бетонираше својата позиција и континуум во власта, па оваа прослава повеќе личи на одбележување на 20-годишнината на „власта на ДУИ“ на политичката сцена. Една многу скапа забава на товар на граѓаните во време на сеопшта здравствена и економска криза во државата.
Деновиве на медиумите има два визуелни моменти што ми се вртат во главата и некако ми штрчат од рамката на оваа наша трагикомична македонска реалност. Едниот момент е видеото се врти на социјалните мрежи во кое една госпоѓа која работи во една државна комисија, сосема искрено признава дека не доаѓа секој ден на работа, а притоа заработува една плата како во западноевропска држава на товар на граѓаните.
И впрочем, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор требеше да ги унапреди односите меѓу етничките заедници, но реално со тоа дополнително се отвори можност за креирање на нефункционални институции и измислени министерства за политички систем (читај: неофицијален државен дом на ДУИ) за вдомување на неспособни партиски кадри што богато ќе бидат наградувани од државниот буџет за неодење на работа.
И другиот момент е она видео од противпожарниот камион ФАП од времето на поранешна Југославија. Тој ФАП мислам дека најдобро ја отсликува оваа наша држава во рамките и надвор од рамките. Државата, токму како и ФАП-от целиот амортизиран едвај брка работа, па така и оваа наша држава како и ФАП-от со распаднати и нефункционални институции едвај брка работа. Всушност, кризата со пожарите реално покажа колку оваа држава со оваа неспособна власт едвај брка работа.
Веќе сме на прагот на четвртиот бран од пандемијата со корона вирусот, на прво место во Европа и на петто место во светот според прекумерна смртност во време на пандемија. И на секое следно рангирање во небезбедност, корупција, криминал, сиромаштија, ако не на првото место, тогаш со сигурност сме рангирани во првите пет места заедно со други држави од третиот свет.
Ете, тоа е таа поголема слика за нашата држава со оваа неспособна власт. И како секоја година што вообичаено се прават истражувања за состојбата со младите во Македонија, така и последното истражување на Младински образовен форум и Фондацијата за демократија Вестминстер, само ја потврдува желбата за иселување на мнозинството млади луѓе, коишто не гледаат никаква иднина во оваа НАТО држава со маратонско чекање на датумот за отпочнување на преговори со Европската Унија.
Младите веќе ја знаат приказната внатре во рамката на нашава реалност, но својата иднина ја гледаат гледаат надвор од рамките на оваа држава.
Comments are closed for this post.