Не требаше да минат ни цели две години за да се види вистинската слика за тоа како официјална Софија го подразбира толку посакуваното и толку фаленото добрососедство со Република Македонија, без оглед што во меѓувреме државата го смени и своето име. Човек, едноставно, не може да постигне да ги следи секојдневните глупости, што преку медиумите стигнуваат од другата страна на границата. И да се види дека колку и да се сака да се гледа во иднината, било таа да е балканска или општоевропска, не може да се прескокне минатото, болно за секого. Или, како што ќе напише „гемиџијата“ Павел Шатев, човек го минува својот живот размислувајќи за минатото, негодувајќи за сегашноста и треперејќи пред иднината.
Да не беше името, ликот и делото на Гоце Делчев веројатно уште ќе живеевме во облаци дека покрај поразениот македонски национализам, тоа, нели, беше и еден од „најголемите успеси“ на последните парламентарни избори, нема шанси да не дојде до израз убавото лице на Македонецот, наспроти одново разгоропадениот великобугарски шовинизам. Зашто, токму на Делчев, великанот кој го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите, падна во вода бугарската искреност. И одново, без никаква задршка, дојде до израз идејата за никогаш непрежалената велика Сан-Стефанска Бугарија.
Европратеникот од редовите на бугарското ВМРО, Ангел Џамбаски, јасно и гласно ни порача што е бугарскиот национален интерес-меѓу Охрид и Црно Море да нема граница, меѓу Охрид и Црно Море живее еден народ, бугарски народ. Ништо друго ни повеќе, ни помалку!
И човек треба да го разбере. Сигурно е во фаза на великобугарски ПМС. А, тоа, нели, е индивидуална работа. И кај секоја личност од понежниот пол различно се манифестира. Од поизразена нервоза, преку променливи емоции и болки до чиста хистерија. Во крајна линија, тоа мора да го „издржи и преживее“ и партнерот. Исто како што сега и ние како Македонци треба да го „издржиме и преживееме“ Џамбаски. Кутриот тој. А, бога ми, кутрите и ние покрај него таков каков што го дал Господ.
Чудно, но Џамбаски како да заборава што самиот говори, па дури и да се поаѓа од старата бугарска теза, што како добро дресиран папагал ја повторува дека македонска нација има само по 1944 година. Еве, дури и да е така, нему ни на крајот од умот не му е да ги почитува чувствата барем на оние кои се чувствуваат како Македонци. Колку се, толку се, токму се. Зашто, тие и само тие успеале да го поразат бугарскиот фашизам од кој сега бегаат како ѓавол од крст. А, кај и да е, и тоа ќе треба да се разгледува пред заедничката комисија.
И добро ќе беше да е само Џамбаски во прашање. Не. Од Софија секојдневно стигнуваат пораки со закани, уцени, омаловажувања, дискредитации на личности, негирање…И од највисоките ешалони на власта, и од опозицијата, и од академските кругови, и од медиумите… за кои навистина не знам дали настапуваат со истиот синдром. А, зошто? Сигурно не заради Гоце Делчев. Зашто, ако една Германија може да прифати да го прославува 9 мај, денот на нејзиниот пораз во Втората светска војна, како Ден на Европа и тоа во името на истата таа нова, заедничка Европа, во која Бугарија веќе припаѓа, а ние од петни жили настојуваме да ги започнеме преговорите за членство, зошто да не може официјална Софија да го чествува 7 октомври? Бил ден на најголемото предавство во поновата бугарска историја! А, исто ли е пораз и предавство!? Не! Зошто на нешто што се именува како предавство, бугарската страна му дава идеолошки предзнак? А, истото тоа не го прави за моментот, на пример, кога Гоце Делчев бил избркан од военото училиште заради социјалистичките идеи?! Или тоа не е идеологија и не е целисходна за името на личноста?!
Не. Работата е во тоа да се знае кој е газда во куќата или кој е постар брат, во најмала рака. Тоа е паланечката великобугарска психологија, која не стигнала до лекцијата на големиот Ајнштајн и неговата дефиниција за безумие. А, според него, безумие е да го правиш/повторуваш истото одново и одново и да очекуваш различен резултат!
Што да се каже за нашите претставници во комисијата? Сиротиот Драги Георгиев, нему му падна и улогата на политичар. Наместо да се јави нашиот прв дипломат, тој нема време. Зафатен е. Не знае што да им прави на „патлиџаните“, што им ги вети на европските бирократи за добивањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. За разлика од него, колешката му Захариева си направи и салата со македонските патлиџани и не се срами јавно да мези.
Comments are closed for this post.