Бугарите, а особено европратеникот од редовите на бугарското ВМРО и сопартиец на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, Ангел Џамбаски, и се лути на ирската европратеничка Клер Дејли. Таа за време на минатонеделната расправа во европарламентот за состојбата со владеењето на правото кај нашиот источен сосед, меѓу другото, изјави дека „нашите пари (европските н.з.) се како крв за тие вампири во Бугарија. Сопрете им ги парите на тие бандити“.

Не знам дали ќе се согласите со зборовите на ирската европратеничка, ама јас би и порачал дека има и полошо од тоа што таа го мисли и кажува. Зашто, ако вампирите во Бугарија ним, на Европејците, им ја пијат крвта, односно им ги трошат и крадат нивните веропски пари, тогаш што да кажеме ние Македонците?! Нам, на Македонците, тие вампири во Бугарија не само што ни ја цицаат крвта, туку ни прават и многу повеќе од тоа. Ни ја крадат душата, која и онака ни остана ампутирана по потпишувањето на Договорот од Преспа.

И сето тоа под плаштот на лажното добрососедство, што сакаат да ни го продадат како грижа за нашиот европски пат и започнувањето на преговорите за членство во Европската Унија, зад кое, всушност, бескрупулозно ги ставаат на пиедесталот нивните национални, или подобро речено шовинистички интереси за некакво крадење на историјата, за непостоење на македонскиот народ, македонски јазик, за непостоење на ништо македонско. А, ако евентуално постојат, тогаш за тоа би можело евентуално да се говори само по 1944 година. Како народите и нациите да се создаваат преку ноќ, чисто така со нечиј декрет од страна. Глупости невидени и неслушнати.

И по паметот на истите тие Каракачанов и Џамбаски, сега и бугарското Народно собрание изгласа резолуција, според која светите браќа Кирил и Методиј и кирилицата стануваат бугарски! Со други зборови, наместо сесловенски просветители, тие стануваат бугарски и како такви ја создаваат бугарската кирилица. А, убаво си постои народна поговорка, која вели дека ако тргнеш по мувата, се знае каде ќе завршиш, во г****. И така, со гола политичка одлука Бугарите започнаа да пишуваат наука, што е обратнопропорционално со обвинувањата, кои ги упатуваат на адреса на македонската историска наука.

Човек едноставно да не знае дали е шега или гола вистина! Во целата ситуација единствен позитивен знак е тоа што веднаш реагираа бугарските научни институции, меѓу кои и БАН, кои ваквата глупост ја толкуваат како практично откажување на Бугарија од глаголицата и од Кирил и Методиј!?

Деновиве, пак, во Бугарија се одбележува и 102-годишнината од абдицирањето на царот Фердинанд I и почетокот на царувањето на Борис III, кои во бугарската историја остануваат запаметени како личности во чие време биле доживеани двете национални катастрофи. Зашто, застанувајќи на погрешната, губитничка страна во текот на Првата и Втората светска војна, Бугарите не успеаја да ги исполнат своите идеали за возобновување на чисто руската и краткотрајна творба Сан-стефанска, голема Бугарија.

И ова не го споменувам туку така. Напротив, сакам да укажам на некои работи, што минуваат без соодветни реакции во јавноста, а се однесуваат на одредени изјави на старо-новиот премиер Зоран Заев и шефот на државата Стево Пендаровски, а се однесуваат на Гоце Делчев и Договорот за добрососедство. Иако е евидентно дека моментно треба да се воздржуваме од реакции и било какви провокации за да имаме статус на конструктивна страна.

Заев во последниот настап навести дека ќе настапува внимателно кога ќе говори за Делчев и оти со Договорот биле решени идентитетските прашања, односно постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. А, неколку дена порано истакна дека Гоце Делчев за него лично бил македонски револуционер, но било факт дека Бугарите и Бугарија го сметаат за бугарски. Колку ќе држи неговата внимателност ќе видиме, но претходно изнесеното може и поинаку да се протолкува.

Што всушност, ни порача старо-новиот премиер? Ни порача, со други зборови, дека Зоран Заев и Стево Пендаровски се македонски премиер и претседател, но Бугарија и Бугарите ги сметаат за свои!? Зошто? Затоа што се подготвени на трули компромиси, што не би ги прифатил ниту еден здраворазумен човек. Зашто, преку прифаќање на чисто бугарскиот наратив за Гоце Делчев фактички ја прифаќаат и бугарската теза за постоење на македонскиот народ и нација од 1944 година!

Претседателот Пендаровски, пак, оди и чекор натаму кога вели дека за него нема дилеми оти Делчев се борел и за бугарската кауза. Но, тоа што е најтрагично, Пендаровски не се ни обидува да направи било каква ограда и да објасни што подразбира под бугарска кауза. Вака како што вели, на Делчев отворено му дава и врховистички белег, што нема врска со историската вистина. За да се увери самиот, доволно е да ја прочита изјавата на Крсто Гермов, алијас Шакир војводата, содржана во книгата „Времето на Колишевски“.

Исповедувајќи му се на Колишевски и земајќи последно збогум со него, Шакир војводата меѓу другото ќе рече:

-Дојдов да ти кажам уште една работа, оти сите пишувате, и порано пишуваа, внатрешни, надворешни, врховисти, централисти и слично, е, па дојдов да ти кажам дека на Дворот (мисли на бугарскиот двор во Софија) влегувавме сите: едни низ главната врата, други низ малата врата, некои низ капиџик, некои низ прозорец, некои преку таван, а некои богами и преку баџа! Толку да знаеш, сите влегуваа…освен еден човек…Таму не влезе само Гоце Делчев.

Талкајќи меѓу политичкиот, државниот и националниот сепаратизам на Делчев, двете водечки политички фигури во земјата не водат во уште поголем идентитетски хаос, што на крајот ќе не доведе до невиден апсурд. Според нивното разбирање за делото на Делчев, излегува дека тој како Бугарин и борец за бугарската кауза се борел за автономна и обединета Македонија, која би се припоила кон „мајка Бугарија“. Ако тоа е така, тогаш што правиме со македонскиот национализам!?

Па цели седум-осум децении основно обвинување за македонскиот национализам е борбата за обединета Македонија и за тоа страдале генерации и генерации луѓе. И сега излегува дека, всушност, македонскиот национализам не бил македонски, туку бугарски! И зад него не стои борбата за обединета Македонија, што беше преточено и во АСНОМ-ските документи, туку борбата за обединета или голема Сан-стефанска Бугарија!

Или, со други зборови, Македонците со децении воделе туѓа, бугарска војна, додека Бугарите си стоеле на страна и го чекале само исходот од таа борба за да можат потоа да ги остварат своите хегемонистички цели!!! Значи, Македонците гинеле и во војни и, се разбира, по затвори, а веселите бугарски п(т)ички радосно си пееле на гранка!