Договорите за дело, кои завршија, беа прекинати. Државната администрација 11 години беше полнета од ВМРО-ДПМНЕ. Не им фалеше влакно од главата. И сега Заев е добар, Заев е кроток, Заев е мирен, ама Заев со научен занает со метлата, можам да им кажам дека ќе изметеме се и ќе сјае во Македонија. Ние сме добри луѓе, но не сме глупави и наивни. Почнаа списоци да прават како од времето на режимот.
Ова, меѓу другото, како што пренесуваат медиумите, го порача премиерот Зоран Заев од предизборна трибина во Куманово на која се осврна на „метлата“, што ја најави во владините и партиските редови по првиот круг од претседателските избори, но и по наводите на антикорупционерите дека кај одредени државни функционери има основани сомневања за злоупотреба на должноста при вработувањата на свои блиски роднини.
И што човек да каже освен едно-срамота! СРАМОТА! И тоа невидена досега! Кој е тој што се осмелил и си земал за слобода цела една партиска групација и, што е уште поважно, честит, добар, кроток и мирен пример да се обиде, а камо ли да го етикетира или да каже дека е наивен или глупав! Па, на што личи тоа! На ништо!
Или на нешто? На исфрустрираност, на злоба, на комплекси од детство и професионална и политичка недокажаност и неисполнетост, на желба за одмазда? Или на отсуство на елементарна и политичка култура, без оглед на степенот на развој на демократијата во државата и општеството во целина? Или на се заедно?
Но, за што и да станува збор, едно е јасно-со етикетирањата или мислењата дека премиерот ни е глупав, тој што го прави тоа не го прави само спрема него како личност и единка! Напротив! Со таквите ментални изливи, без оглед од каде доаѓаат, во суштина, се девалвира самата функција на премиер на државата, како и да ја именувате. Сакате по старо Република Македонија, сакате по ново Република Северна Македонија.
А, со девалвирање на највисоките политички функции, меѓу кои сигурно спаѓа и премиерската, се девалвира и самата држава. Повеќе од убеден сум дека тоа никој вистински не го посакува. Зашто, девалвирани функции и девалвирана држава не значат ништо друго, освен девалвиран народ!
Елементарното, законски и уставно гарантирано право на слобода на мисла и на изразување апсолутно не значи и негова злоупотреба и забегување во друга крајност. Без разлика што станува збор за предизборна кампања. А, нели, во кампања, во војна и по враќање од лов и риболов најмногу се лаже. Кој лаже, тој и краде и вошки има, како што велат децата.
Премиерот не ни е ни наивен, ни глупав, уште повеќе што веќе го научил занаетот со метлата. Сега нека му ја мисли тој што треба да очекува кај него да заигра метлата. И ова искрено, а не како во вицот од времето на едноумието кога таткото си го тешел синчето велејќи му-Не си сине, не си коцка!
Comments are closed for this post.