Деновиве читам дека во соседна Србија екипата од филмот „Тома“ на српскиот режисер, прродуцент и актер Драган Бјелогрлиќ слави. Само за неколку месеци филмот го гледале над 1.000.000 гледачи. А, читам дека неговото прикажување и во Скопје минува одлично и ги полнел кино-салите.
Ова го кажувам не за да се претставам како некаков србоман или србофил, туку уште еднаш да се преслушам дали мојот поглед на Бугарија, Софија и на Бугарите, и тамошни и овдешни, се уште минува низ очите на Белград. Зашто, морам да признаам дека редовно ги гледав и бугарските серии на ТВ „Алфа“, што ги прикажуваа, и тогаш добив целосна слика за тоа зошто Нетфликс годинава откупил 13 бугарски серии.
А, сето во контекст на одговорот на специјалниот претставник на Владата за надминување на недоразбирањата со Бугарија, проф.Владо Бучковски даден во интервјуто за агенцијата БГНЕС дека во Македонија долго траела србизацијата. Со ограда, нели, дека така се нарекува во соседна Бугарија, и со додавка дека не треба да се заборави дека 70 години сме биле дел од југо-федерацијата.
И слушајќи го интервјуто, споменатата србизација ми асоцираше на една песна од Тома (Здравковиќ) со наслов „Слику твоју љубим“. Само за да го потсетам Бучковски, кој нели, на времето, повеќе знаел за седумте секретари на СКОЈ, отколку за македонските војводи, текстот оди вака:
„Стално гледам твоју слику, а груди ми ветром горе, твоје усне насмејане, само што не проговоре.
Слику твоју љубим, шапќем твоје име, ветар носи речи не заборави ме.
Да ми није слике твоје, туга би ми веќа била, ти си мене опчинила и заувек опчинила.
Веќ давно ми ти не пишеш, што те нема да се јавиш, ој љубави најмилија, немој да ме заборавиш, слику твоју љубим“.
А, за да не се најдат и Бучковски и Бугарите, и овдешни и во Бугарија, повредени, еве и на бугарски како таа изгледа:
„Твоята снимка винаги гледам, а във гърдите оган гори, твоите устни засмяни, проговарят като че ли.
Снимката твоя целувам, името твое шептя, вятъра носи моите думи, не забравяй ме.
Да не е снимката твоя, тъгата по голяма би била, ти ме очарова и завинаги омая.
Отдавна не ми пишеш, защо те няма да се обадиш, о любима най мила, недей да ме забравиш, снимката твоя целувам…“.
Добро, за што оди Бучковски во Софија? За да реши еден или за да создаде друг проблем, со друг сосед, со Србија? А, притоа без да го спомене македонизмот, македонскиот идентитет, јазик, историја, традиција, култура, колективна меморија… Зашто, тие колку се разликувале од насилната србизација на овој дел на Македонија, толку се разликувале и од насилната бугаризација. А, од оваа временска дистанца може да се види дека актуелната ситуација во ништо не се разликува од таа пред и по Илинденското востание, Балканските војни, Првата и Втората светска војна… Може да се говори за србизација, за бугаризација, за елинизација, само не за македонизација на Македонија!
Не споменувајќи ги овие работи, Бучковски, практично, остава простор за дополнителни сомнежи за што, всушност, се преговара/разговара со официјална Софија, за кое прашање се надева дека ќе се најде европско решение и што подразбира под тоа? Дотолку повеќе што првиот вицепремиер Артан Груби неодамна изјави дека се дадени „удобни решенија“, кои ќе ја „удоволат Бугарија“.
Целосната нетранспарентност на Владата и на Бучковски околу „патната карта“ 5+1 ја доведува јавноста во ситуација слична или ако не и иста како пред потпишувањето на двата договора, и на тој со Софија, и на тој со Атина. Отпосле излегува дека ќе се соочиме со „бели мечки“.
Колку што е познато, на дневен ред е тоа дека Македонија треба да потврди дека нема територијални претензии кон Бугарија кога го користи името С.Македонија, дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија, дека заеднички ќе се бараат мерки за да се победи говорот на омраза и тука и таму, дека ќе се рехабилитираат македонските граѓани со бугарска самосвест, натаму дека ќе има почести средби и на комисијата за прашања од историјата и за учебниците, но и на други што допрва ќе треба да се формираат, според најавите на најверојатно новиот бугарски премиер Кирил Петков. И конечно, македонските Бугари да бидат ставени како конститутивен дел од бугарскиот народ во Уставот.
Само попатно да поставам неколку прашања. На пример, зошто Бугарија има целосно право да се меша во внатрешните работи на Македонија, а Македонија го нема тоа право и не смее ни да го има? Дали самото споменување на македонизмот, на Македонците и се што оди со тоа за Бугарија претставува говор на омраза и има иста димензија и значење како и србизацијата на Македонија? Дали говор на омраза претставуваат научните трудови објавени од државните институции во кои се говори за македонизмот? Дали ќе се носи нова декларација за рехабилитација на македонските Бугари или само посебно ќе се вметнат во веќе постоечката од 2006 година? Дали во новата или во предвидениот анекс ќе се именуваат како жртви на КОМУНИЗМОТ или како жртви на „претходниот режим“? Дали со промената на учебниците бугарската окупација на Македонија ќе стане бугарско администрирање? Конечно, помислува ли некој во Владата и Бучковски како нејзин специјален пратеник за реципроцитет-колку права за Бугарите во Македонија, толку права и за Македонците во Бугарија? Или на усвоената собраниска резолуција за утврдените „црвени линии“?
Значи, не да нема прашања и дилеми, туку ги има одвише.
А, специјалниот пратеник Бучковски во Софија прави „баба рога“ од опозицијата на која бугарскиот новинар и забележува што во својата терминологија употребува „источен сосед“, а не Бугарија!? Па бара оправдување за останување на Зоран Заев на премиерската позиција уште месец, два, додека не се решел проблемот.
Бучковски, по се изгледа, од Заев научил најмалку една работа. А, тоа е пазарџиската политика на ситен сељачки трговец, па оди во Софија за да се пазари како на ат пазар. Никако да разбере дека Македонија, а уште помалку Македонците, со својата историја, јазик, култура, традиции, колективна меморија не се обични тенковски делови или некаков телеком од кој може да се извлече личен бенефит и профит.
Comments are closed for this post.