Најврежаната слика за луцидниот Жак Ширак ми е онаа од приемот на француската репрезентација во претседателскиот кабинет, кога пред тимот на светскиот фудбалски шампион 1998 го имитираше „зафатот со глава“ што капитенот Зидан го примени врз италијанецот Матераци. Укажувањето низ насмевка на недозволивото, колку и да е праведно, ја отслика шармантната непосредност што Ширак постојано го прави поинаков од многу француски претседатели.
Ретроспективата на неговиот лик е не само прикладна, туку и потребна за разбирање и на француските и на европските политички динамики и нивното ехо кај нас. За почеток, бидејќи богатата биографија на Ширак остава печат на Петтата Република и илустрира како вакви габаритни државници неретко тргале од една страна на политичкиот спектар, а на крајот на кариерата стигнале на спротивната. На добивка на француското општество и европската целост.
Така, во 1950 e комунист (?!), го потпишува Стокхолмскиот Повик (советски инспириран проглас за укинување на нуклеарното вооружување) и продава копии од левичарскиот „Иманите“. Потоа е доброволец против Националниот фронт за ослободување во Алжирската војна за независност, која по Договорите од Евиан ја окончува Четвртата Република и француската колонијална империја. Тука доаѓа до израз неговата политичка инспирираност од Де Гол, а своето децениско присуство во политиката го започнува како шеф на персоналот на деголистичкиот премиер Помпиду во 1962. Тогаш го добива прекарот „булдожер“, кој ја одразува неговиот особина „секогаш да ги завршува работите на кои се нафаќа“. 1967 влегува во Националното Собрание, преку избор во родниот париски департман Корез, каде ја победува – левицата.
Од 1972 е министер за земјоделство и ги освојува симпатиите на јавноста кога стои зад интересите на француските фармери наспроти барања од САД, Западна Германија и Европската Комисија. Оваа популарност го носи за министер за внатрешни работи, но и во судир со „деголистите“ кога наместо Ш.Делмас го поддржува Ж.Дестен. Сепак, по победата на изборите 1974 станува премиер и олицетворение на „младите волци“ во француската политика и го презема водството на неговата УДР. Но 1976 се разидува со Жискар Дестен и го формира нео-деголистичкото РПР, преку кое од 1977-95 е градоначалник на Париз. Тука создава програми за поддршка на повозрасните, самохраните родители и за задржување на компаниите во Париз. Според опонентите, тој само спроведува „клиентелистички“ политики.
„Помпидуанец“ или „нео-деголист“, Ширак е прагматик кој оди до крај
Од 1977 го трасира патот кон Елисејската палата низ сплет на партнерства и лупинзи: на претседателските избори 1981 ги разделува гласовите на десницата и де факто овозможува победа на социјалистот Митеран. Потоа повторно е во влада со Ж.Дестен, овој пат како лидер на десницата и како премиер кој кохабитира со претседателот, што во Петтата Република е особено компликувано.
Иако од 1988 лидерството во партијата му е предизвикано од т.н. „реноватори“ (Паскá, Саркози и др.), Ширак, убеден во битноста на европскиот проект повикува на референдумска поддршка на Договорот од Маастрихт, спротивно на доминантната партиска волја. Затоа, кога се кандидира на претседателските избори 1995 во првиот круг го надминува Баладур како директен соперник од десниот центар и во вториот круг е избран убедливо пред социјалистот Жоспен. Вториот мандат го добива во 2002 во неочекувано соочување со Ле Пен во вториот круг, кога победува убедливо поради слевањето на гласовите на општиот отпор кон крајната десница.
Контроверзен од почеток, решителен – до крај
При посетата на Абиџан 1977, на пр., изјавува дека „повеќепартизмот е вид на луксуз“. По изборот во 1995 ги продолжува нуклеарните проби во Француска Полинезија, а веќе 1996 трајно ги стопира. Покрај економските предизвици, атак врз неговиот рејтинг е и аферата за финансирање на РПР од јавни средства на градот Париз, за која е условно осуден дури по завршетокот на вториот претседателски мандат. Премиерот Ширак нуди низок данок, остри казни за криминал и тероризам и приватизација на јавни дејности. Претседателот Ширак, пак, се залага за општествено-одговорни и солидарни политики, па дури и државно диригирање во економијата.
Но, истиот Ширак е и првиот претседател што во Вел Д’ив 1995 ја соочува нацијата со вистината и, од местото каде во 1942 се собрани и депортирани 13.000 Евреи во наци-конц-логорите, ја демантира тезата за Вишиевскиот режим само како личен акт на Петен за прекин на Француската Република, со реченицата „Франција тој ден го стори непоправливото…“. Тој е и Ширак кој во 2005, при посетата на Мадагаскар ќе ја признае неприфатливоста и на извршените репресии при Мадагаскарското востание.
***
69 шефови на држави и влади присуствуваа на комеморацијата за претседателот Жак Ширак во Париз. Од Македонија таму не беа претседателот на Републиката, на Собранието, на Владата, а претпоставувам тоа никој не им го предложил ниту на екс-претседателите на државата. Македонскиот врв беше претставен од – министерот за дијаспора. Толку за нашиот однос кон (личностите кои ги предводеле) пријателските земји и светските сили кои го помагаа создавањето безбедносно перниче во и околу Македонија од независноста, преку 1999 и 2001, до денес.
Затоа, засега овој текст нека биде мал придонес кон нашето сеќавање за еден политички гигант што француската и европската сегашност и иднина ги градел со чувство за одговорност, капацитетите на неговата држава и даденото време.
Но, нека ова биде и поттик да смогнеме сили и зрелост за ретроспектива и почит кон значајните современици, за време на кои нашата држава надминувала предизвици и напредувала. Засега далеку сме од таква зрелост, кога ниту со име на улица не сме ги одбележале на пр. претседателите на Бугарија, Желев или на Турција, Демирел, кои први редоследно ги потпишаа признавањата на независна Македонија, со се што тоа значеше во тој момент. А и за каква зрелост да зборуваме кога денес се навршуваат 24 години од атентатот врз претседателот Глигоров, а државата ниту знае ниту истражува кои се инспиратори и извршители на обидот за убиство на сопствениот шеф.
Comments are closed for this post.