На почетокот сме на нова академска година, период кога во високообразовните инситуции се запишува нова генерација млади луѓе што во иднина треба да биде двигател на економијата и позитивни општествени промени во државата. А токму во екот на тој почеток во медиумите можеше да се прочитаат наслови дека над половина од младите сакаат да ја напуштат државава. Некои ќе речат дека тоа е тренд на иселување, присутен не само кај нас, туку и во регионот. Но за разлика од другите во регионот, ние тука сме многу малку. Сурово и реално.

Но како политичарите моментално гледаат на државата и политичките случувања? Според новата американска амбасадорка земјава е пример како треба да функционираат државите. Според премиерот државата е на прав пат, растат платите, се враќаат пари кај граѓаните. Според опозицијата на државата и е потребна обнова. И се така зависи од диоптерот на политичарите, или можеби според нивниот светогледот. Кој е поблиску до реалноста? Ете и власта и опозицијата се растрчаа на терен, власта врви „На прав пат„, а опозицијата во „Обнова на Македонија“. Но реално колку млади ќе најдат таму на теренот?

Власта после лето со скандали, фина реконструкција на владиниот кабинет и консолидација во партиското раководство и ограноците моли Бога и плаче за датум за почеток на преговори со ЕУ. Опозицијата декларира дека е за датум за почеток на преговори со ЕУ, но сепак потајно се моли да не бидат овој октомври. Но дали младите го чекаат датумот за почеток на преговори со ЕУ?

Во меѓувреме во државава на гости доаѓа американскиот државен секретар на кратка средба со државниот врв. Државниот секретар е на неколкудневна турнеја започнувајќи од Италија, Црна Гора, па кај нас и на крај во Атина. Штом една таква крупна ѕверка го обиколува Медитеранот значи дека е многу важно за Американците. Тие си имаат свои геостратешки и економски интереси тука во овој дел од Европа. И ете според Американците сме пример како треба да функционираат државите, што само по себе кажува дека ама воопшто не ги боли увото какви реални проблеми си имаме со бедната економија, пропаднатиот здравствен и образовен систем, а најважното за нивниот геостратешки интерес е дека сме во НАТО.

Дали на ЕУ ги заболе увото за нас? Во последната резолуција на Парламентарното собрание на Советот на Европа, парламентарците ги поздравуваат штетните договори направени со соседите, но за корупцијата во која се давиме порачуваат дека треба сами да се избориме. Патот до ЕУ не е сосема прав, треба сами да се избориме, треба обнова и реформи во целокупниот општествен систем. А дека сме пример како треба да функционираат државите во светот, притоа виткајќи ја кичмата и отстапувајќи пред другите по цена и на штета на националните интереси, во тој случај не сме пример за другите. И додека го чекаме датумот за преговори со ЕУ, во државниот врв моментално некој во протоколот го спрема знамето. Да се надевамe дека овој пат нема да го утнат пред американскиот државен секретар?! Или баш ги заболе увото и за тоа, како и за се друго во државава?