Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска ни откри една строго чувана тајна. Нејзиниот колега, министерот за надворешни работи Никола Димитров, да ти бил рециклиран кадар на Никола Груевски. И тоа не обичен кадар. Туку да ти бил еден од рециклатите со висока додадена вредност! Гледаш! А, тој толку мачно и упорно го избегнуваше тоа препознавање. Николче, Николче, ништо не научил од односите на Бранко Црвенковски и Зоран Заев. Или од тие на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Според непишано правило, каменот секогаш од блиску доаѓа.
Предраг ДИМИТРОВСКИ
Нејсе. Според Царовска, Димитров е еден од рециклатите. Што значи дека има повеќе. Ама нивниот број не ни го кажува. Тоа го остава на нашата мечта.
Само останува нејасно и друга работа. На пример, според кои критериуми Царовска ја одредува додадената вредност на рециклатите? Чисто за да знаеме и да (про)цениме кој е со ниска, мала, средна и висока вредност и според тоа да го одредуваме нивното место во партиската или коалициската хиерархија на владејачкиот СДСМ. А, од време-навреме и да ги проверуваме. Не за друго, туку кој колку ги знае песните. Оние за глорифицирање на ликот и делото на Груевски и на Зоран Заев, кои еве станаа и составен дел на изборната кампања.
Во светот на бајките, за една од најубавите важи онаа за Али Баба и 40-те разбојници. Не знам како е сега, ама во времето кога јас растев немаше дете кое не ја имаше слушнато од мама и тато или во тогашните градинки на баба и дедо. Бајката во суштина е позитивна, исто како и главниот нејзин лик Али Баба и во основа ја прикажува вечната борба меѓу доброто и лошото, меѓу чесноста и нечесноста, меѓу работливоста и арамилакот, меѓу добивањето на заслуженото и одземањето на незаслуженото.
И таа бајка, нормално, никогаш не изгубила од својата вредност и автентичност. Дури и ден денес е актуелна. Додуша во малку современа верзија адаптирана за едно ново царство наречено Северџистан во која, за жал, добива негативна конотација.
Во тоа царство наречено Северџистан си живеел Клисарот Али Баба. Бил многу вреден. Деноноќно работел сечејќи и продавајќи огревни дрва за да заработи за парче леб. Понекогаш добивал и по некое тендерче, што го распишувал царот. Се постигнувал со своето магаре. Но, како што му тргнала работата, така му се јавила и потребата за уште едно магаре. И по игра на случајноста или судбината, еден ден, продавајќи дрва во градот Скопиа, ќе се запознае со младата Емалујана. Потекнувала од семејството Алексан Дровоглу. За жал, нејзините починати родители и оставиле само едно магаренце. Имала намера да го продаде и да се вработи како служавка во некоја куќа.
И магаренцето на Емалујана ќе му се допадне на Клисарот Али Баба, ама тој не можел да си дозволи да го купи, зашто немал доволно пари. Емалујана, пак, ќе му возврати дека не и требаат пари, туку место каде ќе престојува и работи, а пари ќе и даде кога ќе заработи. И Клисарот Али Баба се согласил. Ја вработил младата Емалујана во својата куќа и дошол до уште едно магаре. Кога стигнале во куќата на Клисарот Али Баба, Емалујана за првпат ќе го нарече господар и се фатила веднаш за работа, да подготви вечера. Клисарот Али Баба само се насмевнал на тоа господару. Се насмевнал, ама се уште не свесен дека навистина ќе стане господар на многу чисти човечки души, кои подоцна ќе ја почувствуваат целата жестина на адот на семоќниот цар на Северџистан.
А, кој, всушност, бил неприкосновениот цар на Северџистан? Тој бил во најзрелите години од животот, црномурест, со осреден раст, колку храбар и моќен, толку зол и одмаздољубив. Потекнувал од селото Муртин Дол во близина на Струмибол. Го викале Црпко Први Величенствениот.
И така, Клисарот Али Баба си продолжил со својата работа. Секојдневно сечел дрва во шумата, заминувал во градот и ги продавал, а потоа со заработените пари се враќал дома каде го чекала Емалујана.
Арно, ама, во тоа време во царството имала и група од 40 арамии за кои зборувале сите во царството. Тие целото украдено азно го чувала во пештера, чии огромни камени порти се отворале само со волшебните зборови „Сезаме отвори се“, а се затворале со „Сезаме затвори се“.Нивниот водач ги држел под строга контрола, зашто знаел дека сите се остри како „мали ножиња“. А, посебно внимавал на Нино, кој бил познат по своето високо образование за тоа време, по високата стручност, големата, исклучителна способност, но бил и експерт за северџистанската правна и политичка свест. Покрај него било најдобро човек да остане нем, зашто било какво спротивставување на неговите аргументи не би имало никаква смисла.
Еден ден, работејќи во шумата, Клисарот Али Баба слушнал топот на коњи. Се приближил да види што се случува и останал занемен. Токму во тој момент водачот на 40-те разбојници ги изрекувал волшебните зборови „Сезаме отвори се“ и камените порти на пештерата се отвориле. Го внеле украденото азно и водачот на заминување ги изговорил волшебните „Сезаме затвори се“. Видел што видел Клисарот Али Баба и кога арамиите си заминале решил и тој да го стори истото. Ги повторил волшебните зборови, се отвориле камените порти, влегол во пештерата и што да види! Останал вчудоневиден од украденото азно. Човечко око ненаситно, одлучил да земе само 14 вреќички со златници за да не забележи никој. На заминување ги кажал волшебните збори и камените порти се затвориле.
Кога стигнал дома и ги покажал златниците на Емалујана. И раскажал за 40-те разбојници и ја платил за работата. Емалујана почнала да ги враќа долговите и еден од златниците му дала на братучедот на Клисарот Али Баба, одговорен за тајната полиција на царот. Овој нестрпливо го прашал како дошол до златникот и Клисарот Али Баба му ја кажал вистината. А, подобро да не го сторел тоа. Братучедот алчен за богатство веднаш заминал во шумата кај пештерата. Ги кажал волшебните зборови и кога влегол внатре собрал од азното колку што може. Арно ама, ги заборавил волшебните зборови за излегување, а во исто време арамиите, 40-те разбојници, се вратиле и го затекнале братучедот во пештерата. Веднаш го оковале во синџири.
Арамиите си заминале, а Клисарот Али Баба утредента тргнал да го побара братучедот пред да дознае царот. Го нашол во пештерата и го однел во градот кај ковач, кој му ги извадил синџирите. Кога дента 40-те разбојници се вратиле во пештерата виделе дека го нема братучедот и дошле до заклучок дека местото повеќе не е сигурно.
Одлучиле да го бараат братучедот и да го убијат. Де ваму, де таму, кога еден од нив, тој познатиот Нино, успеал да го пронајде ковачот, а преку него и братучедот. Ја обележал куќата, арно ама го забележала Емалујана и таа обележала повеќе порти за да ги збуни арамиите. И така станало. Истото се случило и наредниот ден. Третиот ден водачот, братучедот директно отишол кај ковачот, кој му ја покажал куќата на Клисарот Али Баба. Преправајќи се дека е трговец со масло, побарал да преспие кај него. А, останатите разбојници ги ставил во лажните буриња за масло.
Но, забележал дека Клисарот Али Баба не е истиот човек, кого го оковале во пештерата. За негова среќа, веднаш се појавил братучедот. Но, Емалујана останала недоверлива. Наслушнувала на портата и слушнала како водачот на арамиите им кажува на останатите разбојници дека го нашол правиот човек и оти на негов знак ќе треба да ги нападнат. Емалујана веднаш ја сфатила опасноста, го земала мечот на Клисарот Али Баба и го решила надвиснатиот проблем.
На крајот, разбојниците се дале во бегство, а водачот на арамиите го врзале за едно од магарињата. Пред магарето, пак, врзале морков за да може да се лаже и што побргу и подалеку да трча по него.
Вицепремиерката Царовска сигурно ја знае оваа бајка.
Comments are closed for this post.