Обично се чудиме зошто во западните земји како Швајцарија на пример или Англија расте фина и добро поткосена трева. И така во една прилика го запрашав еден пријател од Велика Британија како тоа кај нив имаат таква убава трева. Тој се подзамисли малку и почна да раскажува. Е па вака пријателе, наоѓаш една празна ливада, потоа добро ја обработуваш, па сееш семе од англиска трева, потоа наводнуваш, а штом тоа малку порасне ја шишаш, потоа повторно наводнуваш, па потоа повторно малку шишаш и така повторно продолжуваш и истото го правиш сто – двеста години и така добиваш фина англиска трева. Ете пријателе, тоа е рецептот за убавата англиска трева. А тоа во преносна смисла е и рецептот за градење на демократско општество.
После тој разговор на пријателот му одговорив дека ете така и кај нас, место фина англиска трева имаме корупција, која што не е од вчера, туку е од многу поодамна. И така според последниот извештај на „Транспаренси Интернешнл“ и индексот за перцепција на корупцијта за 2018 година, нашата држава се наоѓа на 93-то место. Македонија има 37 поени од вкупно 100, а тоа е многу полошо од просекот на Западна Европа и Европската Унија кадешто изнесува 66 поени. Исто така со лоши резултати и во ист кош се и комшиите: Албанија, Косово, Србија, и Босна и Херцеговина.
„Транспаренси Интернешнл“ овој индекс за перцепција на корупцијата го создава врз основа на истражувања, како и стручни проценки на експерти со цел да се испита корупцијата во 180 земји во светот, а тоа се оценува од нула – што значи висока корумпираност, па се до сто – што значи отсуство на корупција. Индексот открива дека континуираниот неуспех на повеќето држави да ја спречат корупцијата придонесува за кризата на демократијата во светот. Исто така посебен акцент на ова истражување е ставен на врската помеѓу корупцијата и кризите на демократијата, како и растот на десничарските и популистичките тенденции во рамките на Европската Унија и западните демократии.
Рангирањето на Македонија според истражувањето на „Транспаренси Интернешнл“, власта кај нас го оцени како подобро од претходното, а таа оценка се дава во услови кога кај нас државата се дави во корупција и има секакви криминални скандали и невладеење на правото. Таква оценка се дава во услови кога за спроведување на наједноставна бирократска процедура е потребна пред сѐ партиска препорака, или во ситуација кога некој од локалните шерифи ќе ја паркира својата „мечка“ или џип на пешачки премин онака најбезобразно, па дури гордо и демонстративно дека никој ништо не им може бидејќи се над законот. Банални примери како овие создаваат фрустрации кај сите нас, а тоа резултираа со голема недоверба кон државните институции и власта, која пред се и над се треба да работи во наш интерес. Се додека е така и законот не работи за сите еднакво, нема да пркнеме и да се оправиме, а ѓубрето во сопствениот двор треба сами треба да го очистиме, ако сакаме да имаме двор со убава трева како англиската.
Корупцијата е трулеж што го разјадува општеството од внатре. Корупцијата ја нагризува демократијата и ги поткопува државните институции, а така ослабени тие се помалку способни да ја контролираат корупцијата. Сега со преименувањето на државата и со влезот во НАТО, корупцијата сама од себе нема да исчезне. За тоа ќе треба сами да се погрижиме. Не дека во Западна Европа и ЕУ нема корупција и дека таму цвета правдата, но ете тие се подобри од нас, а ние се стремиме да се интегрираме кон нив. И така ќе треба уште долго време да работиме и додека научиме како да одгледуваме фина аглиска трева во нашите дворови.
Comments are closed for this post.