Време е за предупредување дека кога изборот е оневозможен, одговор на општеството без илузии станува бојкотот како средство за казна и протест против политичарите, наместо гласот за некаква идеја и личност.

Се погласни се прашањата дали ќе се обезбеди потребниот цензус за непосреден избор на претседател на Републиката, што значи дека поуката од референдумската (ниска) излезност очигледно е сфатена, иако неволно се соопштува. Непотврдени информации предупредуваат дека оние кои се изјаснуваат како неопределени и кои нема да гласаат заедно го надминуваат прагот од 50% во анкетите. Дневно-политичките пазарења, високата (перцепција за) корупција и отсуството на пораст на стандардот, заедно со горчливата кнедла наречена промена на името ги отуѓи граѓаните од политиката и ги разочара гласачите во партискиот процес. Ова дополнително влијае демотивирачки и за самите мега-партиски инфраструктури кои стануваат дополнително зависни од бизнис-административниот клиентелизам и не можат да анимираат (нови) гласачи, па дури прашално е и дали ги задржуваат постојните.

Затоа, последна понуда повторно стануваат буџетските тендери и партиските вработувања што чини се поскапо – бидејќи јавни пари и работни места во администрацијата има се помалку. Притоа, кога изборот е оневозможен, одговор на општеството без илузии станува бојкотот како средство за казна и протест против политичарите, наместо гласот за некаква идеја и личност. А за тоа време, оние убедени во своите знаења и можности на пазарот, незаинтересирани за „сигурна“ административна плата од 300 евра – емигрираат и трајно се евакуираат од земјата. Причината е гушењето: за некои, гушењето на идејата за правдата сега и со тивкото одумирање на („идеалот“ на) СЈО, за некои гушењето низ партиското закрепостување на креативните, за некои гушењето од загадениот воздух… Спиралата личи несопирлива.

Владејачката коалиција истовремено се погласно зборува за избор на партиско-консензуален кандидат. Оваа дефиниција на кандидат употребена за прв пат пред 5 години ги дополнува триењата меѓу столбовите на Владата – СДСМ и ДУИ кои, засновани на Законот за јазиците и дупката во пензискиот фонд, треба да ја потхранат „дебатата“ на партиските ботови и нивната медиумска камарила,а не успеваат да поттикнат (емотивна) реакција на разочараниот гласач. Ова се доживува и како стеснување на потенцијалниот избор на кандидати, бидејќи како што стојат работите, кандидат што е најблиску до унисона поддршка од владините партнери и внатре во нивните партии, по целокупното водење на процесот од 27 април 2017 наваму, со сите успеси и грешки во него, е Заев, а секој друг е кандидат со многу поголеми можности да не се исполни цензусот во вториот изборен круг.

Очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ за нерегуларности во гласањето се опомена, а сеуште свежите сеќавања за „експедитивното“ гласање на референдумот во Сарај и Липково по 17 часот воопшто не ги дисквалификува предупредувањата на опозициската партија. Јасно е и дека ризик за неисполнување на цензусот е отсуството на предвремени парламентарни избори што би се поклопиле со вториот круг од претседателските избори. А избори, без оглед на тоа кој ги бара, ниту се потребни, ниту се посакувани, ниту се очекува да создадат значително поразлична слика во законодавниот дом или во Владата и со тоа јасно е дека нема да бидат особено корисни.

Затоа, за претседателските избори да не прераснат во нова политичка криза, потребно е да се подготвуваме и за можноста претседателот да се бира во Собранието – како единствено место каде претседателот може навистина да израсне во личност на поширок двотретински, мулти-етнички/културен/политички консензус, бидејќи за да биде избран со такво мнозинство, тој/таа ќе мора да има капацитет на смирување, поврзување и структурирање на политичкиот дијалог и партиите во насока на функционалност на институциите и системот, наместо на нивна меѓусебна спротивставеност или спротивставеност на интересите на граѓаните.

Уште повеќе што така претседателските избори нема да бидат извор на непринципиелни меѓупартиски договарања во кои непосредно се инсталира монокоалициски штитник на постојна владејачка коалиција подготовен да ги минира процесите во име на тесни интереси на партии или елити. Впрочем, да се потсетиме дека со исклучок на првиот мандат на Глигоров (избран во Собранието!) и првиот мандат на Иванов, секој претседател на Републиката беше избран со „големи“ договори на неговите партиски поддржувачи и беше оспорен од неговите соперници, а компензациите од претседателските избори (во кои во 1999 на пр. имаше и жртви) беа (на)плаќани долго време подоцна.

Доколку се земе предвид фактот дека иницијатива за промена на Уставот за ова прашање во моментот нема, без оглед на исходот на изборите, ќе треба да се согласиме дека априлските претседателски избори веројатно ќе бидат последните каде претседател на Републиката ќе се бира непосредно и да се подготвуваат решенија за ваквата ситуација. И во едниот и во другиот случај, политичката и системската динамика од мај натаму ќе предизвика потреба изборот да се врати во Собранието, кое, во услови на неподелена извршна власт, конечно ќе може да се врати на својата основна задача – да биде законодавна власт и контролор на извршната, наместо испостава на партократизмот.

Едноставно, откако големото прашање на името е решено – неминовно доаѓа времето за политика како професија, а не само како профитабилно политикантство. Системот доведен во ваква состојба на лебдење, пак, природно започне да ќе селектира политичари и партии подготвени Македонија да ја моделираат во модерна, западна држава, особено сега, откако конечно престанува инерцијата на „поранешната југословенска“.

Единствен хендикеп во случај на инстантна промена на моделот на изборот на претседател на Републиката е што тој би бил спроведен од овој собраниски состав, обременет со се што се случуваше од изборите во 2016 до денес. Но, сепак да не бидеме престроги, политиката во основа е дефинирана како умешност на можното. Затоа и овој текст не се занимава со кандидатите, туку со процесите.