Денес, за разлика од порано, убедливо мнозинство македонски граѓани меѓу пари од фонд на ЕУ и изградба на фабрика на „Фолксваген“, би го избрала второто. Затоа што луѓето веќе не се врзуваат емотивно за понудените правци (поделби, ветувања, идеологии, застрашувања), туку прагматично очекуваат тој/тоа што го бираат – да испорачува резултати. Сега и тука.

Веќе по пар денови кампања, очигледно продолжува спротивставувањето на концептите „едно општество за сите“ наспроти „одделени општества во една државна заедница“. Поделба што ја следи Македонија од осамостојувањето, а е вкоренета и порано од тоа. И, да не заборавиме, поделба што се очекуваше да почне да се демонтира по 2016.

За жал, се остана на вербална демонтажа, затоа што отворањето на поделените општества во функционална заедничка целина бара(ше) пристап што тргнува од социо-економските потреби на граѓаните, а досега не се оддалечи од реторичкото или политички несмасното и општествено трауматичното.

Обидот за модернава идеолошка диференцијација меѓу Македонците наметната во кампањата според поддршката на кандидатот кој е за или против „Северна Македонија“ всушност може да им послужи само на постојните партиско-медиа-нво-економски матрици и нивните дипломатски покровители. Продолжувањето на овие поделби меѓу Македонците, потхранети со неповолната вкупна демографија во земјава се најава дека и на овие избори темелот во градењето на политиките и во Северна Македонија останува да се бетонира со предрасуди чиј мотив е чувството на загрозеност – од етникум, партија, идеологија… од се, само не суштинското – отсуството на економски просперитет.

Но токму кога ќе се соочиме со овие обиди за нови поделби во општеството во целост и меѓу Македонците или за нивно продлабочување по познатите линии (зависно од тоа дали „чашата е полупразна или полуполна“), станува јасно отсуството на дразба меѓу гласачите. Без оглед на изблиците на кандидатските пи-ар тимови, токму овие обиди за поделба, заедно со персоналноста на претседателската функција и нејзините ограничени надлежности – го упросечуваат изборниот процес и не предизвикуваат еуфорија надвор од кампусите партиски поддржувачи. Па дури ни раздвиженост.

Оваа состојба се дополнува и со последните најави од Европската Комисија дека за Македонија и Албанија следува „подготовка за припрема за почеток на преговори“, кои само уште еднаш покажуваат дека „магично стапче“ за напредокот на (овој дел од) регионот нема ниту Брисел. Особено не во евро-парламентарен изборен период. И не во ваква ЕУ, која сеуште ги бара модалитетите за своето структурирање и функционирање функционирање во следната деценија-две.

Напротив, станува јасно дека откако се потрошија лежерните проекти за развој на медиуми, невладини и институционални капацитети и за конференциски туризам од 1990-тите и 2000-тите – дојде време да се повлече црта, да се сумира сработеното и кадрите и институциите во кои две децении е инвестирано да се покажат.

И во соочувањето со постигнатото – се сфати дека произведеното баш и не било за пофалба, туку дека сега ќе треба да се работи со најдобрите од тие што останале, бидејќи другите се веќе интегрирани во ЕУ. Со работни визи или државјанство во европските земји.

Затоа и не може да се очекува поинаков евро-импулс кон Северна Македонија, освен реторичко охрабрување да се пронајдат внатрешните правци и сили што ќе можат да ги намалат веќе очигледните поделби – низ интеграциската цел, затоа што тие предизвици не се ниту нови, ниту непознати – ниту за Скопје, ниту за Брисел.

Но, радува фактот што денес, за разлика од порано, убедливо мнозинство македонски граѓани меѓу фонд на ЕУ и фабрика на „Фолксваген“ би го избрала второто. Тоа значи дека политиката конечно се доживува низ практичната страна – пораст на стандардот, продуктивноста, функционалноста – прво лична, а потоа и колективна.

Уште повеќе, тоа значи и дека бриселската понуда „подготовка за припрема“ е очекуван бирократски маневар што ќе се коментира и драматизира во нашава кампања, но фактички Комисијата во заминување веќе не изненадува никого, затоа што на три-четири месеци од следната – никој ништо повеќе и нема очекувања од овој мандат на Јункер, Могерини, Хан…, а јавноста веќе сфаќа дека уште доста вода ќе протече низ реките додека Северна Македонија има свој евро-комесар таму.

Можеби затоа и лебди впечатокот дека граѓаните се многу поопуштени за тоа дали претседателските избори ќе успеат отколку партите и претставниците на меѓународната заедница тука.

Опуштеноста е поради јасната претстава на македонските граѓани/гласачи дека новата динамика без оглед на изборниот исход повеќе зависи од општите констелации, а многу помалку од домашните дневно-политички кариерни комбинации на малкумина.

Бидејќи тие се созреани и веќе не влегуваат во емотивно врзување за понудените правци (поделби, ветувања, застрашувања), туку во прагматично очекување резултати од тој/тоа што го бираат – да испорачува.