Кога сакаме палавите деца дома да разберат дека претерале, вообичаено го користиме т.н. „третман на молчење“. Им замолчуваме и оставаме тишината да им покаже дека нешто не е во ред и да ги натера на мислење и барање на сторената грешка. Децата сфаќаат дека работите отишле подалеку од вообичаен прекор и чувствувајќи вина, се обидуваат да комуницираат со родителите, да ги засмејат, да ги задеваат, но штом молчењето продолжи, по првичната нервоза, започнуваат со анализа, поправање на однесувањето и ветувања дека грешките нема да се повторат. Некои детски психолози сметаат дека “The Silent Treatment” е една од најтешките „казни“ кон децата иако не е физичка.

Излезноста на првиот круг на претседателските избори покажа дека гласачите решија на партиите и кандидатите „родителски“ да им пружат „третман на молчење“ и да им најават дека и вториот круг ќе биде цензусно мачен. Едвај четириесетина проценти во првиот круг сакаа да бидат „мајчински“ расположени и уште еднаш на палавите (политички) деца да им дадат шанса. Уште толку сакаа „татковски“ строго да им одржат лекција на партиите и нивните дипло-спонзори и започнаа со „третманот на молчење“ за грешките што деценијаипол ги прават намерно. И личи дека планираат лекцијата да биде подолга и поучна за сите.

Вечерта на 21 април јавно веќе констатирав дека е нормално да имаме „скандинавски и европски“ избори, кога Скандинавија и Западна Европа станаа ново живеалиште за најмалку 1/3 од македонскиот избирачки список. Задоволството дека „изборниот ден минал мирно“ е депласирано дипло-политичко клише за земја-кандидат за членство во ЕУ и НАТО. Тоа што се подразбира воопшто не треба да се нагласува.

Растеретен од партиски должности уште пред почетокот на кампањата, но и натаму граѓански и политички одговорен, сметам дека ова се главните пораки кои треба да ги промислиме сите. СДСМ+ и ДУИ изгубија најмногу, ВМРО-ДПМНЕ+ и АА-БЕСА најмалку, но всушност никој не доби повеќе од тоа со што располагаше пред изборите.

Видлив беше обидот на традиционалните медиуми однапред да се покрие општата незаинтересираност за претседателските избори со штабско-анкетарски оптимизам (особено околу излезноста). Тоа што заедно со провладините портал „инфлуенсери во обид“ беше замислено да го „сили“ егото на политичарите и штабовите, го иритираше електоратот свесен за сивата реалност. До степен на намерен молк наменет да го саботира квази-елитизмот на паланечката политичка каста.

Моите комплименти во овие редови, затоа, се наменети кон оној дел од новинарите (сегашни или поранешни, во класичните или новите медиуми, соодветно), кои без оглед на своите политички преференци, не ја преминаа линијата на вкусното и професионалното. Напротив, одбивајќи да бидат партиски ботови и постизборни нарикачи, покажаа како може и треба и инвестираа во својот кредибилитет.

Бидејќи задоцнетото и патетичното во политиката (било да е кабинетско метларење или предизборно асфалтирање) е еднакво штетно како и нестореното, се согласувам со сите кои повикуваат причините за изборно-излезниот резултат да не се бараат во гласачите, туку во неправилно срочените или нереализираните приоритетни потреби на граѓаните.

Фактот што СДСМ+ изгуби стотина илјади гласови се должи на непринципиелните компромиси со причините и причинителите на состојбите заради кои дојде на власт. Фактот што ВМРО-ДПМНЕ+ не доби нови поддржувачи се должи на неможноста доволно да се оддели од причинителите на состојбите заради кои ја изгуби власта. Фактот што АА-БЕСА ги одржа гласовите на кои сметаше и на локалните избори покажа дека ДУИ веќе не е единствениот политички фактор на Албанците во Македонија. А трите факти заедно покажаа зошто првиот круг на претседателските избори беше само една поскапа анкета или пребројување на партиските корпуси.

Џабе е сега посипувањето со пепел за (не)стореното… Едноставно, обратната поставеност на системот (на вредности), наспроти очекувањата за промени на широкото граѓанство на овие избори започна да доаѓа по своето.

За илустрација, граѓаните сакаа градоначалници што ќе бидат достапни за нив и премиер и Влада што ќе ја бркаат државната работа. А бидејќи во овие две години добија општински челници што се замислија дека се премиери и премиер што заборави дека веќе не е градоначалник, на сите им е јасно дека работата нема да заврши со симболична метла што актер „спонтано“ ќе му ја подари токму на премиерот и сите ќе живеат среќно, до крајот на мандатот. Премалку, предоцна.

Ова не е задоцнета памет, бидејќи состојбите ги најавив во текст токму овде на 21 март, а во непосреден разговор го предупредив и мојот префериран кандидат и пред почетокот на кампањата. Еднакво како што сега предупредувам: не го потценувајте граѓанинот со „Ако не, да го вратиме Груевски“. Сите чувствуваме дека „груевизмот“ не замина, туку се ребрендира во „заевизам“, а за физичкото отсуство на Груевски се одговорни токму тие што се закануваат со негово „враќање“.

Во истата колумна најавив и дека „…странично се исцртува новата динамика која, поради затворањето на кругот од изминатите три децении независност започнува веќе по претседателските избори, независно од нивниот исход“. Таа е започната.