Додека течат лицитациите со имиња на претседателски кандидати, во односот кон институцијата претседател на Републиката доминира пристапот низ призма на протоколарна улога (и) во економијата. Дали при овие уставни решенија, сепак, може да видиме и вон востановената перцепција дека „само Владата е задолжена за економија“?
Несериозно би било заборавањето на улогата на претседателот во доменот на монетарната политика (низ предлагањето гувернер на Народната банка, на тој начин насочувајќи ја истата), со сите импликации врз финансиската и економска политика во државата, особено во услови кога Северна Македонија е пред генерациска пресвртница во многу полиња. Особено ако тоа може да помогне во надминувањето на потфрлањата на економско-финансиските политики од осамостојувањето до денес.
Ова е битно доколку се согласиме дека, со сите објективни пречки од 1991 наваму (регионални конфликти, приватизација и бескрајна транзиција, ембарга, светски и континентални финансиски кризи), земјава не можеше да постигне позначајни стапки на развој и поради неинвентивните владини политики и отсуството на долгорочна визија за развој на (извозно)конкурентни столбови на економијата што создаваат производи со додадена вредност. Потхранети со монетарната конзервативност предизвикана од колективната траума на галопирачка инфлација со која мојата генерација се соочуваше неколку пати. Можеби и затоа врвниот процентуален раст на бруто-домашниот производ ни е едноцифрен, многу често поблиску до точката на стагнација, а најдобар извозен производ ни е работоспособната сила, која и овие две години ја одлеваме низ Европа, Америка и Австралија како на попис да сме биле 20, а не само 2 милиони жители…
Во такви околности, новиот претседател на Републиката има можност да иницира „шок-терапија“ и заедно со оваа политичка генерација да започне напуштање на економската политика на „небранување“ што можеби им одговара на етаблираните компании и банкарски системи што ја преживеаја транзицијата, но практично го пасивизира развојот на производните капацитети со домашен, па дури и на оние со странски капитал.
Еретички звучи „на прва“ размислата дека политиката на фиксниот денар бранет од централната банка всушност е дел од кочницата на економскиот развој, што децениски го поскапе македонскиот производ и го направи помалку конкурентен во однос и на регионот. Уште поеретички звучи и дека инструментот на промена на оваа политика на централната банка лежи и во рацете на претседателот на Републиката.
Ваквата евентуална, а потребна стратегија што поддржува променлив, флуктуирачки курс на националната валута во прв момент личи само на девалвација на денарот. Но, во суштина, ако е промислена и координирана со финансиските и економските владини ресори – оваа операција ќе овозможи засилување на извозниот капацитет/конкурентност на македонскиот производ, а со зголеменото производство ќе ангажира и повеќе работоспособно население и ќе влијае на зголемувањето на стандардот, нивелирајќи го соодносот вработеност-плата-пораст на стандардот-пораст на државните и јавните приходи… и адекватно ќе го неутрализира психолошкиот ефект од инфлацијата со користење на придобивките од нејзиното таргетирано и стимулативно дејство.
Ова особено од причина што состојбата и структурата на зачмаената македонска економија веќе очигледно се заканува и по социјалните фондови, но и низ опасноста веќе и средните производни капацитети, но и сите оние што не се државно субвенционирани да прибегнат кон затворање, промена на дејноста, редуцирање на бројот на вработени или кон преселување (на капиталот) во соседството.
Секако, посакуваното сценарио е можно само ако е резултат на стручна дебата, добра анализа и координирана активност на монетарните и финансиските институции кои засега, според Уставот, се со споделена надлежност меѓу претседателот и Владата.
Имајќи предвид дека гувернерот на Народната банка од скоро го започна мандатот, а по предог на Иванов беше избрана во Собранието со очигледен консензус меѓу политичките фактори, јасно е дека персоналното решение не е проблематично.
Секако, не ја заборавам и улогата на претседателот на Републиката во промоција на македонскиот производ во странство. Но, таа е можна само доколку постои конкурентен, квалитетен и препознатлив македонски производ. А до него треба да се дојде – (и) со мерките кои претходно ги понудив на размислување.
Доколку не сме подготвени да разговараме и на овие теми на претстојните избори, ќе продолжиме со третманот на изборите како и досега. Чекајќи „некој“ и „некогаш“ да ни ги реши проблемите. Читај никогаш, а можеби ни тогаш.
Comments are closed for this post.