Дали Вашето дете е родено во Република Северна Македонија? Ако не, колку години имаше Вашето дете кога тој/таа  дојде во Република Северна Македонија?

Ова се две прашања од анкетата, што почнала да се спроведува низ основните училишта во државата, на која треба да одговорат родителите на четвртооделенците. Двете прашања можат да се „скратат„ и во само едно-колку четвртооделенци се родени во Република Северна Македонија? А, истото може да се сведе и на прашање за милион долари.

Зашто, каква и да е целта на анкетата, поставените прашања се надвор од здравиот разум и чистата логика. Меѓутоа, она што е најстрашно е што носи низа непријатности и за децата, и за родителите, но и за институција на системот, која е должна да ги почитува одлуките на Владата и на Министерството за надворешни работи, што произлегоа од потпишувањето на Договорот од Преспа и упатството за користење на новото име и придавките, што произлегуваат од него.

Според обрасците, анктата е нарачана за потребите на Линч школото за образование на Бостон колеџот и неговата програма Трендови во меѓународната математика и научните студии-Истражување за рано учење-четврто одделение. А, се спроведува преку Државниот испитен центар!

Согласно упатството на Министерството за надворешни работи и одржаниот брифинг со новинарите во Владата, употребата на новото име на државата почнува со објавувањето на уставните промени во Службен весник, што ќе рече од втората декада на февруари годинава. Се што се случувало претходно, се случувало во Република Македонија.

Четвртооделениците соодветствуваат на возраст од 9-10 години, во зависност од тоа дали детето е запишано со својата генерација или  неговите родители го сториле тоа малку порано. Значи, сите биле родени во Република Македонија и сега некој ги потресува со тоа што ќе запишат во анкетните листови нивните родители. Зашто, надвор од здравиот раум и чистата логика е да стигнат во четврто одделение,а да се родиле во втората декада на февруари годинава!

Ако целта на анкетирањето е да се дознае колку деца четвртооделенци се родени во друга држава и се дојдени тука, сега во Република Северна Македонија, а пред февруари во Република Македонија, тогаш во најмала рака требало да се постави прашање со сосема друга содржина. Иако, нормално, не може апсолутно да се отфрли веројатноста дека некој од нив го сторил тоа и во периодот од последниве два месеца наназад.

Во целата ситуација надвор од разумот и здравата логика се поставува прашањето каква е улогата на Државниот испитен центар? Промената на името во Државен испитен центар на Република Северна Македонија е сосема нормално за институција од таков „калибар“. Ама ненормално е истата таа институција да дава фактичка слика на институционално непочитување на Владината одлука и упатството на МНР! Има ли пилот во овој авион?!