Пред некоја година НАСА излезе со тврдење дека има вода на Марс, а минатата година имавме можност дури да слушнеме какви звуци има ветерот на црвената планета, откако сондата на НАСА слета таму. А сосема скоро Кинезите се пофалија дека на темната страна на Месечината никнаа растенија, откако Кинеската национална вселенска агенција успеала да ги засади таму во контролирани услови во текот на овој месец. А пак, минатиот викенд нашиот главен град се најде на првото место во светот како град со најзагаден воздух. Па така, онаму каде што се претпоставува дека нема живот започнува да има, а овде кај нас каде што треба да има живот, некако ни снемува. А нели, животот дојде кај нас, или барем моменталната власт ветуваше дека ќе има живот за сите.
И се поставува прашањето каде се одговорните за проблемот со аерозагадувањето? И што прават за да го решат? Дали воопшто нешто прават? Аха да, реагираа, точно е, пет минути до дванаесет, откако Скопје се искачи на неславното прво место во светот по загаденост, па власта одлучи да се одложи почетокот на второто полугодие во сите училишта во земјава со два дена. Но, кај нас за најважните, или поточно за животните прашања власта прави нешто во последен момент, или уште поточно пет минути до дванаесет.
Лани бевме најзагадена земја во Европа, но ете сега ги уриваме сите светски рекорди и некако со многу брзо темпо се најдовме на врвот по загаденост на воздухот. Браво. Ем северна, ем најзагадена. И со двете работи сме ептен популарни во овој период. Со промената на уставното име сме во фокусот на регионалните политички случувања, а богами и светски, па така се најдовме во 30-те топ дестинации за патување за 2019 гоодина според National Geographic. Е сега, сите читатели на популарното списание што ќе посакаат да ја посетат оваа чудесна земја, штом изгуглаат ќе видат мноогу убави работи за оваа земја, но и многу лоши од типот – најзагадена земја.
Обединетите нации ја прогласија Словенија за најчиста земја во светот, откако било утврдено дека оваа држава исполнила 95 од вкупно 100 индикатори за одржливост. А тоа не треба да биде изненадување, бидејќи главниот град Љубљана во 2016 година ја доби титулата за најзелен град во Европа. И сега прстот на глава, па како тоа им успева на Словенците? Е па, со работа и тоа со многу напорна работа на словенската влада, која вовела низа еколошки мерки и закони, а луѓето таму покажуваат вистинска грижа за животната средина, климатските промени, биодиверзитетот, културната автентичност. Ете, Словенците успеале и се горди на својата земја.
И каде сме ние тука? Што правиме? Рушиме рекорди во загаденост. Дали може да научиме нешто од Словенците? Тука ни се в комшии. А каде се одговорните лица, институциите, власта? Каде се тие што пред некое време протестираа за аерозагадувањето? Власта прави само популистички мерки, притоа воопшто не водејќи грижа за нашето здравје. И каква иднина ќе имаме во НАТО и ЕУ, ако испоумреме од загаден воздух. А за тоа сме и сами виновни поради нашата пасивност и искажување на револт само на социјалните медиуми, и толку од приказната. Ако сакаме поздрава и почиста животна средина за тоа треба активно да се избориме. Сите оние што се на клучните позиции, а не работат во наш интерес да бидат казнети со тоа што нема да ја добијат повторно нашата доверба и тоа да важи за сите моментални и идни политичари. Ете гледаме кај нашиот јужен сосед како народот таму реагира за националните интереси. А ние, за нашите животни интереси пасивно и полека ќе изгинеме од загаден воздух.
Comments are closed for this post.