Бегајќи од Рим, свети Петар го прашува Исус: „Quo vadis, Domine!“ (Каде одиш, Господе!), а тој, наводно му одговорил: „Штом ти го оставаш мојот народ, јас одам во Рим за да ме распнат повторно!“ Во тоа време, Империјата вообразено се перчи со својата војничка, политичка и финансиска моќ. Тогаш во Рим преовладува декаденција, разврат и хипокризија на владеачкиот систем, искористување и ненаситност, среброљубие и многубоштво на народот. Тоа не народот на Исус! Во тоа историско време, неговиот народ е малуброен, но бројот на членовите, заедниците постојано расте и се проширува. Неговиот народ е што е непорочен, со верба во едноставната човечка добрина и побожност, со вкостено самоодрекување од земското и духовен патос. Тоа е народ совесен кон семејните, но и општите вредности, трудољубив, посветен, достоинствен и смел, низ вековите на суштествување.

Таков е и мојот народ, не е многуброен, но е неизбројан! Неговата татковината се наоѓа меѓу кошмарната Северница и тажниот Јужен Крст,  Источно од рајот во кој На Запад нема ништо ново! Го има и преку седумте мориња и високите, непреодни планини! Од ден на ден тој расте и се шири и е простодушно верен на исконската опстојба и вознес низ историската вертикала од библиски приказни, древност и антика, средновековје и нововековје, па сè до совремието. Притоа се одвиваат етапни процеси на заемна интеракција и симбиоза меѓу старото и новото, претходното и тековното, автохтоното и туѓото, насилното и борбеното. Ова жилаво ракување на мојот народ со историјата, честопати не е срдечно и како што вели поетот, исполенето е со крв, коски, отров и мајчино млеко, со пожари на попалените села и градови, со бури Самоилови, Карпушови, Илинденски, Партизански, АСНОМ-ски, слободарски, референдумски, со негирања, попречувања и конфликти, неспокој и очај, но и со насмевка и стоицизам во смртниот час.

Мојот народ создава Песни за татковината – МАКЕДОНИЈА, пишува легенди и наративи за своите луѓе – Филип Македонски, Александар Велики, Лидија, Јустинијан (Управда), Кирил и Методиј Солунски, Климент и Наум Охридски, поп Богомил, Крале Марко, Кирил Пејчиновиќ, Теодосиј Синаитски, браќата Миладиновци, Григор Прличев, Сирма војвода, Ѓоргија Пулевски, Гоце Делчев, Јане Сандански, Крсте П. Мисирков, Вера Јоциќ, Кузман Јосифовски-Питу, Методија Андонов-Ченто, Петре Пирузе, Лазо Трповски, Никола Парапунов, Мирка Гинова, Тоше Проески, Горан Стефановски и многу, многу други знајни и незнајни. Крстосувана од варварски, освојувачки и творечки патеки, оваа земја, на која врз колепки се издигале гробови како темели за нови раѓања и кревања, лежат безброј одгатнати и неодгатнати тајни, симболи и сведовштва.

Мојот народ има само едно име, додека недобронамерните и пакосните му измислуваат многу имиња различни од неговата суштина, го прекрстуваат, именувајќи го секако, па дури и северен, но никогаш, ама баш никогаш, не го именуваат со неговото вистинско име, за да го обезличат, па дури и уништат. Куриозитет е што во дваесет и првиот век, со обезвреден, пробисветски и (не)демократски амин (на 11 и на 25 јануари 2019 г.) е преименуван во северномакедонски – граѓанин и со некакво си државјанство со коса црта „/“ –(slash, анг.), а неговата држава, создадена во победоносната антифашистичка борба пред 75 години на единственото слободно парче од разнебитената македонската земја, доби и атрибут СЕВЕРНА! Но, колку и да е злото големо, тоа не може да го убие мојот народ, кој со својата крв внесува содржина, има чисто срце и дух од искона. Стотонската вина за неговата патетика, немир и бес во последниве години, не е негова, таа кај друг се крие, но штом ќе дојде време сè ќе ѝ биде раскажано на мајката ИСТОРИЈА. За народносниот, јазичниот, културолошкиот, идентитетскиот, суверенитетскиот, геноцид врз него, со невешти, недоквакани договори, па дури биле и Охридски, Преспански, (про)Бугарски во име на триумфалистичката политиката на белосветските, регионалните и локалните (квази)политичари, политиканти, музиканти, комедијанти, кои ми ти имале политичка храброст, лидерство и одговорност да (не)решат еден спор на прведен и на правичен начин!

Стабилноста и просперитетот на балканскиот регион има активен чинител во опстојбата на мојот народ, кој сака да е свој на своето, без протекторати и слободен, без престапнички и лицемерни партнерства, без егзодуси, eмигранти и контрабанди. Оној или оние, пак, кои не се препознаваат во оваа нарација и специфики, тогаш сигурно не се од мојот народ! Тој се одѕива само и само на името МАКЕДОНЦИ, работи исклучиво за македонска кауза, говори и пее на македонски јазик, иако знае десетина други јазици, има своја историја, не заедничка, со која е дел од општоцивилизциската и светската баштина, а во семејството на нациите бара да опстојува достоинствено, рамноправно и еднакво како  и другите, без преседани од светски размери. Затоа неговата борба продлжува и во новите услови,  за живот, одмазда и изгрејсонце. На крајов, и сега и во иднина (слично на Катон Постариот), ќе повторувам: „СЕВЕРНА, никогаш! МАКЕДОНИЈА на Македонците!“