Написот „Нова Парадигма. За името“ на Груевски ниту би го преценувал ниту би го интерпретирал само на ниво на граматички и правописни грешки. Неговиот текст е обид за наметнување на следната доктринарна расправа на македонската политичка сцена што треба да започне на претседателските избори. А доколку се прифати, оваа расправа ќе влијае на ретро-дискурсот и кај партиите и во општеството.

Кога во 2008 и 2009, меѓу предвремените парламентарни и тогашните претседателски избори, како политичар и политиколог предупредував дека амбицијата на ВМРО-ДПМНЕ под водство на Груевски не е само победа на избори за практикување власт, туку прераснување во движење, не наидов на разбирање. Можеби затоа што малкумина разбраа дека движење и политичка партија се разликуваат по опсегот и длабочината на прашања што (сакаат да) ги уредуваат и инструментите што за таа цел ги применуваат.

Партијата бара изборна поддршка од граѓанинот-гласач за управување со процесите низ институциите, согласно програма заснована на идеологија, под контрола од законодавната власт. Движењето, пак, исцртува општа идеја која бара целосна подреденост на системот, институциите и луѓето на „идејата“. Притоа, нарушувањето на општествено-политичкиот и, последично, на економско-социјалниот процес доаѓа во моментот кога флексибилноста на толкувањето на идејата прераснува во ексклузивно право на „водството“ на движењето, кое се глорифицира, мистифицира и доведува до статус на паралелен пункт на одлучување што ги доведува институциите до статус на куклен театар, а општеството до арена на поделени светови. Илустрација: Македонија 2008 – 2014.

На крајот, движењето нужно предизвикува отпор, сублимиран и предводен од контра-движење. Во судирот на двете движења, институциите нужно се блокираат (Македонија 2015-16), а епилогот е нужна победа на едно од нив. Со ризикот новото, победничкото движење да ги преземе манирите на првото, победеното и да произведе нови општествени, економски, институционални, па дури и системски состојби (илустрација од други историски и економски услови: Македонија 1945-91 на пр.) или „само“ последици (илустрација: Македонија 1998-2002 или Македонија од 2016 наваму).

Колку и Груевски да сака да го прескокне, фактот дека историското ВМ(О)РО е организација, движење, втемелена на дејствување на географското подрачје на Македонија, „македоно-одринскиот“ опсег во името на историската Организација во различни периоди објаснува зошто паралелата меѓу историското ВМРО и ВМРО-ДПМНЕ денес или во периодот на неговото водење на партијата е само „димна завеса“ која треба да (му) обезбеди имиџ на „мистичност“, па дури и „мачеништво“.

Ако се оди во подлабока анализа на толкувањето на фактите што се достапни и кај нас и во историографиите во околните земји, ќе се соочиме со сознанијата дека некои од
дејците на Организацијата немаат спор со своето македонско национално чувство, некои имале бугарско национално чувство, а некои БОРЦИ, во услови на дејствување на околни пропаганди, прифаќале помош и од српското или грчкото кралство за ослободување од османлиската власт и изградиле такво национално чувство. Со
епилогот што е познат по балканските, Првата и Втората светска војна.

При недвосмислено постоење на македонскиот народ и идентитетска свест денес, токму ова објаснува зошто е потребно да се соочиме со историјата за која архивите и во околните земји, но и во Турција несомнено нудат многу податоци. Друго прашање е колку и што од тоа ќе ни се допаѓа.

Груевски во  „Парадигмата“ вешто го камуфлира потпикнувањето на споровите внатре македонскиот етнос и на македонскиот народ со околните народи кои создале држава пред нас, во контекст на историските текови на Организацијата како основа за историјата на македонскиот народ. Можеби тоа му овозможува барање „антички корени“ кај Македонците, но со тоа ризикува само да ги охрабри тезите за „Македонците како словенизирани Хелени“.

Или конкретно, порекнувањето на зародишот на македонската национална свест (за некого „недоволно“, за некого „срамежливо“, а всушност доволно, реално и изворно, при крајот на деветнаесеттиот, се посилно на почетокот на дваесеттиот век и со јасна дефиниција во и по Втората Светска војна, не ги прави Македонците „посилни“ или „постари“. Негирањето на делото на Конески и Кепески, е релативно свеж пример за тоа и јавните дискурси на темата во минатите две децении се илустративни.

Од 2005 до денес не го напуштив ниту спротивставувањето кон пауперистичкиот пристап кон референдумот, уфрлен како „одбранбен механизам“ на тогашниот опозициски лидер Груевски, и тврдев дека отфрлањето на пакетот на Нимиц со контра-уфрлање на „идентитетското прашање“ неминовно води кон отворање на Уставот. Затоа и се спротивставував на воведувањето на референдумското изјаснување како програмска заложба на опозицијата во 2011.

Во таа насока ја предложив и Државната стратегија за решавање на спорот за името во Собранието, која требаше да исцрта јасни линии во преговорите засновани на неменување на Уставот, неексклузивност на терминот „Македонија“ и придавката „македонски“, оддавајќи признание за меѓу-партиската/етничката кохезија манифестирана во сите дотогашни парламентарни состави. Интересно би било да добиеме одговор зошто претседателот на Собранието Велјановски (од ВМРО-ДПМНЕ) никогаш не ја стави оваа точка на дневен ред, а по неа Владата на премиерот Груевски никогаш не достави ниту мислење.

Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во државата (од скоро, согласно Устав, Северна) Македонија, а не движење во географскиот регион Македонија, коректно е да се упати предупредувањето поврзано со „Парадигмата“ на Груевски дека прифаќањето на премисите на текстот како политички правец значи продолжување на ексклузивноста на судирот на две политички матрици и движења засновани на идеологии и географско-политички премиси од крајот на XIX и почетокот на XX век внатре македонското етничко ткиво.

Според ваквото толкување на првиот дел од „Парадигмата“, Груевски нуди правец на размислување и постапување кој и во иднина ќе го допира, креира и ќе „виси“ над политичкиот процес, во кој учествува и неговата матична партија. Со тоа, Мицковски и новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ се изложени пред сериозен избор дали – прифаќајќи ги изложените тези на Груевски во целост – да продолжат да го сејат семето на ваквиот судир што и во иднина суштински ќе го слабее кохезивниот елемент и државотворниот капацитет на Македонците.

Не верувам дека изборот ќе биде лесен, но убеден сум дека оваа политичка генерација и лидерство на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде зрело да ги избегне ваквите замки во духот на нивното западно ориентирање, што за разлика од многумина, не сметам дека треба да се доведува во прашање.

Истовремено, сметам дека изземајќи ги емотивните изблици во текстот, во „Парадигмата“ има и едно правилно предупредување – дека процесот пред нас носи предизвици. Впрочем, тоа е нормално, бидејќи од опсегот на преговорите 2005-08, преку оние во 2011 и посетата на Груевски кај Бајден, околностите 2014-16 до опсегот на преговорите 2017-18 и Преспанскиот договор – разликата е огромна, токму поради политиките на Владата 2006-16.

Но, за тоа, веројатно ќе зборуваме по некоја следна „Парадигма“.

П.С. Во однос на потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО, ќе ја повторам мојата фејсбук-честитка: „Почнува. Честитка до секој што се вложува во овој децениски успех. Има уште пат да се изоди, но и најдолгиот пат започнува со првиот чекор.“