Ау, каква седмица! Скандалозна! Извинувања од дно до небо. И како за на крај, нов вицепремиер на владата, или старо – нов министер што не се занимава со граѓаните. Добро, дали некој во оваа влада има компас да видат на кај тераат? На времето во деведесетите, првиот претседател на државата, сега веќе покоен, лесна му земја, велеше за оваа држава дека е „оаза на мирот“ се додека не пукна тиквата на почетокот на новиот милениум, па се покажа дека внатре во државата крчкало по малку, а богами надвор кипеше од тензии. Но тоа беа деведесетите, и тогаш информациите не беа толку достапни како денес кога има толку развиена технологија, социјални мрежи и секакви гаџети за пренос на информации. Тогаш власта можеше многу свои скандали да ги скрие далеку од очите на јавноста и да не се дознае долго време со цел да не се наруши довербата на граѓаните кон власта, а таа власта да се одржи што е можно подолго на позиција. Но и денес како и секогаш, информациите се еден од ресурсите за власт. Па токму оваа власт дојде на власт благодарение на информации, тајни, скриени, снимени, па потоа јавно споделени и обелоденети. И изгледа дека не ја научија лекцијата дека како што дојдоа на власт, на таков или сличен начин може да ги снема.
Сега во ова дигитално време гледаме дека скандалите се појавуваат како печурки после дожд, пукаат како „бомби„ во дигиталното пространство, најчесто прикачени на руски социјални мрежи, а ние ги слушаме скандалите на оваа наша корумпирана и скандалозна власт. По се изгледа дека не ја научија лекцијата од последните избори. Премиерот вети дека ќе мете, но направи реконструкција со цел да ја зацврсти својата позиција, најпрво во своето дувло – матичната партија, бидејќи на малку подолг рок таму е најбезбеден, па дури и следната година да биде во опозиција. А исто така, сега тој потег го направи за да може да лапне максимално колку што може од државната цицка.
Нели пред да дојдат на власт викаа дека ќе има правда! Но, од правдата нема ни П! Институцијата што ја создадоа СЈО со надеж дека ќе донесе правда после т. нар. 11-годишен режим, по се изгледа дека беше создадена како политичка институција што ќе биде алатка во рацете на оваа власт само и само да дојде и да се одржи на власт. И сега гледаме дека и така испадна, бидејќи досега нема праведна правна разврска или издржан предмет по отворените случаи, односно ниту еден од ВИП политичарите и другите обвинети не отслужува казна и покрај донесените пресуди.
И што се случува после метлата на Премиерот?! Се продолжува со скандали, местење тендери, корупција. Скандалите не престануваат, а напротив продолжуваат и стануваат опасни за сите нас. Премиерот се надева на флертувањето со европските и балканските лидери дека ќе остане на власт, но тоа не ги мие неговите лаги, скандали и коруптивни активности. Тоа народот нема да му го прости на следните избори. Сега скандалите допираат и до темата за безбедноста на сите нас. А власта за тоа – ама баш ги боли уво за нашата безбедност. Проблемот се сведува на тоа секој секого обвинува и секој се вади со некој што бил пред него. И се тоа се отсликува во здравството, судството, образованието, админстрацијата, итн. Деновиве неминовно се поставува прашањето дали е загрозена безбедноста на патниците во државата? И колку функционира целиот систем за безбедност во сообраќајот и дали надлежните понесуваат одговорност? Општиот впечаток е дека секогаш кога ќе дојде до некој немил настан, најмногу енергија се вложува во тоа како одговорните да ја избегнат вината, а наместо да се лоцира проблемот и да се пристапи кон негово решавање. Импровизација, корупција, отсуство на одговорност. Се додека нашите политичари не научат за одговорност, се до тој момент нема да има напредок на нашето општество.
И после сето ова, народот продолжува да ги гледа скандалите на оваа власт како на реалити шоу. Но, на крајот ќе испадне како во популарниот руски филм од деведесетите со волкот и зајакот, народот ќе и каже на оваа власт: „Ну, погоди!“. Или во превод, само почекај(те), па ќе видите што ќе ви се случи на следните избори!
Comments are closed for this post.