Забележителни беа полемиките околу тоа дали и како да се ангажираме надвор од нашата „кутија“ и да се вклучиме во помош за обновата на изгорената Нотр Дам. Еве зошто сметам дека е правилна одлуката и Северна Македонија да помогне.
Секој посетител ја почувствувал нејзината грандиозност. Убавината и габаритот на црквата ги спојуваат чувствата на восхит од дразбите на сетилата и дребноста на човекот пред големината (на храмот) на Творецот и Неговата Мајка. Но, токму градителските и уметничките финеси ја направиле оваа готската катедрала многу повеќе од христијанско светилиште, претворајќи ја во дел од француското, европското и светското културно и архитектонско наследство. Многу повеќе пред тур-конзуматорството да ја означи пред се како туристичка атракција.
Француското општество брзо изнедри капацитетни поединци што ќе го помогнат нејзиното обновување, но токму обемот на реакциите по пожарот ширум континентот покажаа дека обновата на Нотр Дам фактички прерасна во своевидна парадигма на обновата на францускиот и европскиот дух.
Ако се држиме само до „прагматизмот“, причината за солидарност со Парижаните и Французите ќе ја бараме само во нивното досегашно присуство во (Северна) Македонија. Малкумина се сеќаваат дека една од ретките точки на институционален допир со вонјугословенските култури и политики во СРМ и Скопје до 1991, ако не и единствена – беше Францускиот културен центар.
Обуките во Високата школа за администрација на наши високи административци, спортските, културните па и политичките можности низ процесот на Франкофонијата во која учествуваме и пред независноста, децениското постоење на Катедрата по македонски јазик таму – се уште само уште неколку „административни“ аргументи на нашата поврзаност со Париз и Франција.
Дури ако и натаму се држиме само до видливото или политичкото, ќе се потсетиме дека француските помошти, на пр., се слевале во пост-земјотресно Скопје, а и денес го финансираат обновувањето на сопствените донации, кога нашата транзициона негрижа за изграденото ги запостави до упропастување.
Тука е и солидарноста на француските даночни обврзници со нас и чувството на одговорност кон регионалното и европското културно наследство на нивните влади, манифестирана и низ помошта во обновата на македонското културно и архитектонско наследство низ годините, вклучително и она оштетено во конфликтната 2001.
Но, ваквиот дневен, политички или материјален пристап всушност е најмалку битен. Впрочем, ако чека само на помош од македонскиот буџет, Нотр Дам уште долго ќе остане необновена.
Не сум голем познавач на историјата на уметноста, но како љубител на пишаниот збор и јас го доживувам „Ѕвонарот на Богородичната Црква“ како дел од француското и европското литературно наследство и го чувствувам одиумот кон ремек-делата на светската, европската и француската литература, како и многумина и во Македонија и во регионот. Квазимодо и Есмералда и натаму ќе ги доживуваме во надреалната слика на платонската поврзаност и пожртвуваност што го носи романот на Виктор Иго токму проткајувајќи го дејството со атмосферата на Богородичната црква.
Токму затоа, солидарноста со Париз и Нотр Дам во овие моменти не воведува и во нова димензија на поврзаност, поради спасувањето на вграден и видлив дел од францускиот и колективниот европски културен и цивилизациски дух со кој се идентификуваат и Македонците и сите народи што живеат во Северна Македонија.
А тоа е повеќе од религиска припадност кон христијанството, територијална припадност кон Европа или административна припадност кон нејзината Унија. Тоа ни е составен дел од нашата вкупна припадност кон европската цивилизација.
Соочувањето со опасноста од губење на уште еден светски споменик на културата не освести и колку губиме од нашиот хуман идентитет (независно од припадностите) со секоја незаинтересираност за судбината на секој споменик на културата и архитектурата, било да станува збор за влијанијата на киселите дождови врз Акропол, за масакрот врз културното наследство во Палмира или за негрижата кон црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново.
А веројатно по пожарите во манастирот „Св. Јован Бигорски“ и прилепската Чарши џамија, локално не потсети и на тоа колку малку негрижа или лоша намера треба за манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе, Шарената џамија во Тетово, и др. наши споменици на културата да се соочат со огромни штети. Или колку (намерно) не посветуваме внимание на нивната санација.
А редно е и да си признаеме – добро е што има пари за Нотр Дам, ама кога има пари за нови мебели и службени автомобили за функционерите – има и за секој од наведените објекти во овие редови. Само треба политичка одлука за промислено и навремено да се инвестираат.
Значи ова не е само прашање на франкофилија, туку пред се на почитување на универзалните човечки и културни вредности и во Македонија и во Франција и во светот воопшто.
Comments are closed for this post.