Пораките на заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер за аферата „Рекет“ од интервјуто за српската редакција дадено на 2 август, светскиот сервис на „Гласот на Америка“ (VOA) ги пренесе следниот ден. За медиумите на македонски сумираната порака беше: „Има сериозни обвинувања и тие бараат сериозен одговор“. Она што VOA го објави на англиски е: „Поддржуваме целосна, темелна, транспарентна истрага за обвинувањата и, ако има докази, тогаш и соодветно обвинение. Ова е вистинска можност за властите во С.Македонија да покажат подготвеност за придржување кон владеењето на правото“ и „…преговорите со ЕУ можат да започнат есенва, но …разрешувањето на истрагата за Јанева ќе биде клучна за да се осигура дека тоа ќе се случи“. Всушност сите сме потсетени дека расчистувањето на „Рекет“ е неформален бенчмарк за датумот за преговори.
Провладините медиуми пак пробаа да преминат преку клучни пораки до властите, партиите и јавноста во Македонија, овој пат околу поврзаноста на расчистувањето на „Рекет“ со интегративните аспирации на земјата. Слично како во декември кога го премолчуваа предупредувањето на Бејли за тековна „трговија со влијание“. Овие пораки на Палмер дојдоа во првиот медиа-осврт на еден западен медиум за аферата „Рекет“ и СЈО, дизајнирано од Западот во 2015 за „одзаробување“ на државата. Во ваков контекст, личи дека истиот тој Запад нема намера да премине преку уште еден обид на македонски партиско-владин врв за креирање паралелен финансиско-медиа-правосуден систем и киднапирање на државата низ институционализирана трговија со влијание, изнуда и злоупотреба на политичка моќ.
Тажен Илинден
Ваквиот впечаток за одбележувањето на Илинден го создадоа поделените партии и граѓани. Но токму потфрлањето на владиниот прес-тим судрен со сите и со самиот себе покажа дека има и „добра вест“: естаблишментот не успеа да оркестрира ескалација на внатре-македонскиот судир, пред се бидејќи на прославата немаше ниту доволно владини поддржувачи подготвени да го бранат неодбранливото, ниту опозиционери подготвени да паднат во стапицата. А само ваквата службењачка поделба во етно-македонското политичко ткиво можеше да го измести фокусот од клучната тема: пресметката со институционалната корупција и одговорноста за неа. Затоа рециклираните пораки на Заев и Пендаровски за „обединување“ и „сплотување“ јавноста инстинктивно ги игнорираше, на ниво на повторен предлог за меѓупартиско помирување со криминалот, додека граѓаните бараат обединување – против него.
Останати без поддршка за темите што сакаа да и ги потурат на јавноста, Пендаровски и Заев принудно се „сплотија“ во ваквото славење. И згрешија, оти личи дека пораките од Палмер им беа упатени токму на 2 Август – за да може веднаш и безусловно да повикаат на решителна пресметка со криминалот и корупцијата.
Затоа пораката на Османи за (не)екстрадирање на Морина набрзо потоа на прв поглед личеше на „упад во владеењето на правото“ во Македонија. Но откако „Рекет“ ќе се нарече со вистинското име – криминал и корупција спонзориран од институциите на државата по кои СДСМ очигледно нема намера да постапува, а ДУИ се однесува по принципот „ни лук јал, ни лук мирисал“ станува јасно дека тој само порача дека
Од Владата е останата само зградата
Следната фаза е веќе видена: „Шаренашите“ и „нво-граѓаните“, владините филијали со „отворено-општествењачко потекло“ од транзицијата на СКМ-ПДП кон СДСМ ќе оди на политичка нарација во која национализмот на Македонците е штетен, но тивкиот шовинизам кон Албанците (за дома) и кон соседите (за по надвор) е корисен. Штом ова стане видлив правец низ провладините медиуми, „Дебармаалската камарила“ на службено-медиа-нво креации веќе е влезена во борбата за преземање на власта во партијата, бидејќи онаа во државата се смета за загубена. Но „Рекет“ ги доведе СДСМ и неговите орбитери до „бришан простор“ и неможност да ги применува познатите излезни стратегии од две причини. Прво, поради имунитетот на јавноста кон понудата за „едно општество за системските миленици“ и второ, поради конечното општествено барање за соочување со историските факти, наместо со толкувањата на методите и доктрината на југо-носталгичниот македонизам.
За созреаната јавност прашањата се поконкретни. Лебди впечатокот дека во „Рекет“ проциркулирал и „сивиот“ кеш генериран уште од „ТАТ“, оплоден паралелно со постоењето на затворениот финансиски и банкарски систем во Македонија. Јасно е дека пари се изнудувани и од сметки и во готово, но никој не прашува, а уште помалку одговара за нивното потекло. Од оваа призма се разјаснува зошто само во Македонија од цел регион ги нема „Рајфајзен“ или „Кредит Суис“ и зошто банка како ИНГ може да има банкомат во седиштето на НАТО во Брисел, но не и на скопскиот аеродром. Коинцидирањето на пукањето на „Рекет“ со обидот за влез на странски капитал во домашниот банкарски сектор го отвори прашањето зошто и натаму не се прекинува затворениот круг на домашните и Народната банка поради кој отсуствува поддршка на функционирањето и инвестирањето на сите оние надвор од друштвото на „величенствените“ од почетокот на транзицијата, што започнува и завршува во иста точка и ја ограничува и затвора домашната економија.
Се додека функционираме во вака затворен финансиски систем и извори на инвестиции ни се само меѓународните финансиски институции и буџетските субвенции, а „авантите“ се вкалкулирани во износот на јавното задолжување, „Рекет“ ќе остане пример зошто секаде државата и „мафијата“ се судрени, а во Македонија тие се едно и сите се прават „на удрени“. И се дотогаш, ЕУ ќе ни биде далечна.
Пораките „на латиница“ дојдоа, вистинските пораки „на кирилица“ изостанаа, па денес објавените снимки во странските медиуми се показатели дека процесите веќе се започнати и дека „Рекет“ има импликации и надвор од земјава.
Comments are closed for this post.