Во детските години имаше една игра што родителите и бабите ги кажуваа на своите деца и внуци низ игра на прстите. Тоа беше игра – приказна за петте прсти на раката со која постарите ги заспивале своите деца и внуци. Приказната започнува со тоа дека прстињата биле многу гладни и палецот како најголем запрашал што ќе јадат прстињата, другото до него рекло „тоа што има“, третото прсте рекло „тоа што дал Господ“, четвртото рекло „ќе крадиме и така ќе јадиме“, а пак најмалото рекло „ако крадиме, јас ќе кажам на другите“. Така низ игра и приказна постарите генерации ги воспитувале помладите за моралните вредности што треба да ги имаат кога ќе станат возрасни личности. Така некои ги разбрале пораките од детските приказни, некои не, некои ги заборавиле, некои пак можеби погрешно ги слушнале детските приказни, или пак можеби слушале погрешни приказни. И затоа денес нѐ има различни и со различни карактери, секој со своите приказни и морални вредности од мали нозе.

Денес во нашето секојдневие гледаме дека многу малку има луѓе со вистинските морални вредности. Гледаме дека секојдневно се пласираат шунд содржини, реалити шоуа со брутални вести за насилство и лудило од најразличен тип, а сето тоа се манифестира во семејството и општеството. На тој начин критериумите за добро и лошо, квалитет и неквалитет, справедливо и несправедливо кај луѓето, а особено кај помладите генерации се повеќе опаѓаат. Скандалите и лудилото се на сцена и на цена. Така тие морални критериуми опаѓаат во целото општество и ни се случува да на важните општествени позиции се допуштаат луѓе со испревртени вредности и криминален ум, а таквите личности прават лоши одлуки што влијаат на сите нас и целото општество.

Така мили мои, заради ниските критериуми, заради неактивното учество во општеството и пасивноста ќе гледаме како ни се случуваат разни скандали како овој најактуелниот случај „Рекет“, па ќе гледаме како разни гротескни ликови стануваат рекетари, како разни полу-учени и приучени ликови стануваат јавни специјални обвинители, како неспособни и кримоногени ликови стануваат политичари, и така натаму ги има уште многу во чудеснава ни државичка. Потоа гледаме како тие навидум наивни ликови се издигнуваат над сите нас, му пркосат на општеството, ја водат државата, тие се над законот, правдата за нив не важи, а напротив тие тргуваат со правдата, едноставно не зафркаваат сите нас, а ние како неми гледаме реалити шоу на домашната политичка сцена. И сега од такви непрокопсани ликови сите страдаме и се поставуваме во залог на нивните лични интереси и математики.

Време е целото ова „Мапет Шоу“ од власта политички да се пензионира и да си замине во историјата. Доста веќе се изнагледавме шоу и неправди. Време е да ги подигнеме сопствените критериуми и да не допуштаме повеќе на клучни позиции да дојдат матни и неспособни ликови што ќе нѐ влечат назад во пропаст и ќе го хранат општеството со корупција. Можеби сега се помалку се раскажуваат тие детски приказни, a сега тие приказни ги раскажуваат YouTube, Facebook, Instagram. Но сепак, ако погледнеме разумно во реалноста и се завртиме наоколу ќе видиме дека доволно сме се контаминирале политички со корумпирани политичари, па имаме болно општество и се уништуваме самите себе преку бесправната држава, нефункционалното здравство, образование, лоша економија. Сме се контаминирале со сметот што го оставаме насекаде, па се задушуваме во него. Сме се контаминирале со безредие во државата, па секој гледа да ги заобиколи законите и редот на штета на сите. Е така мили мои, тоа се ефектите на Рекетот на штета на сите, ако не ги заостриме критериумите и оставиме неспособни политичари да ја водат државата во пропаст.