Денеска е Божиќ! Ден кога се одбележува раѓањето на синот Божји – Исус Христос. На овој ден, православните христијани се поздравуваат со зборовите „Христос се роди“ и „Вистина се роди“! Во повеќето домови, трпезата е полна со различни јадења, печено прасе, леб, вино, овошје, слатки, поставено сè врз бел чаршав кој треба да го симболизира белото платно во кое Христос е повиен по раѓањето. Во тишината на овој ден тлее надежта за радост во домот, здравје и среќа во семејството. Посакуваме спокој и благодатност, но и по некоја конкретна желба, ако е можно по божја милост, изпразнатиот паричник да ни се наполни! Не е дека не работиме, напротив, се трудиме, но не заработуваме доволно за достоинствен, исполнет и спокоен живот, едвај преживуваме! Сурово време, наместо да напредуваме, се враќаме назад, во феудализам!
Не, не сум субјективна и на ум ги имам резултатите од неодамна спроведената анкета под наслов „Кога би можеле, дали би заминале од Македонија?“! Од вкупниот број на испитаниците, дури 83,7 % одговориле потврдно! Одговорите се различни, но сите тие можат да се сублимираат во една целина, во која се истакнува отуѓеноста на државата од народот, односно, крајно лошото функционирање на државните и на јавните институции, лошата организација на работа, партизација, корупција, мито, непотизам; злоупотреба на обврските и на функциите доверени од државата. „Тие што се одредени да ја организираат работата и функционирањето на институциите се неспособни, корумпирани, алчни да заработат многу за кратко време. Не постојат долгорочни планови за развој и напредок. Корумпирана полиција, судство, здравствениот систем многу лошо организиран, нефункционален, а образовниот систем е корумпиран. Факултетите се натпреваруваат кој ќе им додели (продаде) повеќе дипломи на неспособни кадри! Способните, вредните, тивките, трудољубивите се оставени на маргините, да се снаоѓаат како знаат и умеат“, констатира еден испитаник.
За споменатово, уште пред две-три децении Џ. Штулиќ (АЗРА), испеа: „Луѓе без калибар и без идеи, ни наметнуваат црно-бели вистини… Насекаде има многу параноја, секој е во криза, а ние би сакале да бидеме центар на светот…! Ние сме општество кое се движи во негативна насока, народ кој не верува во својата сила, разединет и недоверлив, осиромашен духовно и материјално! Живееме во политички хаос од кој само политичарите имаат корист. „Ние, граѓаните, на оваа мала држава сме принудени да бараме начин како да го поминеме денешниот ден, а сето тоа да го скриеме од очите и чувствата на нашите деца“. Ова е пејсажот на нашата реалност! Но, кога испитаниците би ја знаеле „неверојатната елоквентност“ на премиерот и на неговиот тим за тоа дека македонската држава ја „создавале Сократ и АрЕстотел“, а современа Македонија дека е црна дупка на Балканот (во однос на НАТО алијансата), сигурно нивниот процент за напуштање на Македонија би бил и поголем! И не е само тоа, проблеснува и изјавата дека новото име на Републиката никој не ќе може да го смени, односно дека Договорот од Преспа во иднина не може да се промени!?
Не, не господине премиер и вие другите, не сте во право, напротив! Со оглед дека оваа чудовишна Спогодба е нелегитимно и нелегално создавана и туркана кон целта заради противправно менување на уставното име на Републиката, тогаш, секоја наредна Влада на РМ, ќе има правна можност да ја раскине Спогодбата меѓу Коѕијас и Димитров (односно Преспанскиот договор)! И не ќе може во иднина грчкиот претседател Павлопулос саркастично да изјавува дека спорот со РМ е решен со неисцрпната сила на „хеленизмот“! Ова последново, заедно со темата за „Magna Graeca“ (Голема Грција) за која си молчат нашите соседи, ќе биде тема за идна наша обработка.
Во духот на денот, но и на споменатите теми, сметам дека решението за наш спас се наоѓа во следнава мудрост: „Три работи се потребни за спасение на човек: да знае во што треба да верува, да знае што треба да сака и да знае што треба да направи“. Среќен Божиќ!
Comments are closed for this post.