На почеток на новата година падна и првиот снег. Тоа е добар почеток. Викаат дека зимата е и најкраткото годишно време. Препоставувам дека и власта посакува оваа зима кратко да трае и брзо да помине заедно со уставните измени. Ете слушаме дека власта бара повеќе гласови, па ете премиерот ја коментираше и „новогодишната честитка“ од натовскиот Дедо Мраз, т.е. наводното писмо од Генералниот секретар на НАТО, со коешто тој им порача на „добрите деца“ двете другарчиња Зеко и Алексо да си ја завршат домашната задача до 15 февруари. И така пораката е да се заврши работата што поскоро пред крајот на зимата, а потоа доаѓа пролетта, па ќе треба да се тера кампања за претстојните претседателски избори.

Политичките партии се веќе во потрага по претседателскиот кандидат. Се мерат рејтинзи, се кројат математики, се прават анкети и предвидувања. Апетитите се големи за вилата на Водно. Видовме дека се пуштаат муви во јавноста за тоа дали идниот кандидат за шеф на државата да биде жена. Ете можеби со тоа се прават обиди да се урнат некои стереотипи за политичкиот живот кај нас, каде што традиционално се уште се смета дека политиката е машка работа. Па, се водат дискусии дали да биде консензуален претседател. Или ќе биде нешто друго? Можеби вонземјанин. Една мала шала да направиме тука, сепак е Нова година.

Пред се, треба да се надеваме дека политичките партии нема да трагаат по манџуриски кандидат. Вљубениците на политичките трилери сигурно ќе се сетат на овој наслов. Манџурискиот кандидат е политички трилер работен според популарна новела за синот на позната фамилија во високите политички кругови во САД, на којшто му е испран мозокот во буквална смисла на зборот, и истиот тој човек е теледиригиран и номиниран политички кандидат.

Со оваа вечна транзиција во нашата чудесна земја, политичките партии со своето делување со текот на годините воведоа една пасивна и поданичка политичка култура кај електоратот да биде лојален и строго потчинет кон партиските главатари и нивната волја. Се додека ние како гласачи не започнеме здраво и разумно да резонираме со своја глава, се дотогаш нема да имаме здраво демократско општество. Се додека размислуваме да гласаме за некој политичар само заради тоа што убаво зборува, а притоа најбезобразно лаже, или само затоа што е многу симпатичен, или особено допадлив за женската популација, а притоа не знае да спои две прости реченици, се дотогаш ќе имаме вечни политичари кои стојат како фикуси во кабинетите. Ајде веќе еднаш да ги исфрлиме тие вечни транзициски политичари од нивните удобни кабинетски фотелји и да им дадеме шанса на помладите генерации, за коишто пред се треба да размислиме и да ги прашаме за нивната визија за нашата иднина и колку се решителни во тоа. Само со смена на старите и трули транзициски политичари некако единствено ќе може да помрднеме од оваа мртва точка. Да не заборавиме дека тие сепак зависат од нас и нашиот глас.