… како што впрочем сите знаеме дека Југославија е временски надмината творба и во формата и во суштината што сме ја познавале, но низ сеќавањето на неа се нагласува проблемот што Македонија сеуште ја нема пронајдено својата формула на функционален систем и одржливост.
Една од најприсутните неформални теми во Македонија и екс-ју републиките е југоносталгијата, па жива е дебатата меѓу про и анти „ју-сентименталистите“. Веројатно ова прашање и немаше да биде толку интересно доколку југоносталгијата беше некаква ексклузива на генерациите родени „педесет и неке“ или во ерата на „Неврзаните“ и доларските кредити со ниски камати. Носталгијата ќе беше разбирлива и за нас родените во (втората половина на) седумдесеттите, кои може да се сетиме и на релативно спокојното детство и на неспокојната младост кога хаосот и страдањата ги бришеа илузиите на братство-единството. Но, вистинскиот повод за анализа е фактот што во оваа дебата се поприсутни се и млади луѓе родени далеку по 1991, кои за Тито и Југославија слушале од своите родители и прародители или од Википедија и ТВ.
Позната е анегдотата кога доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, одејќи на лов, сретнал некој од мештаните и шеговито го прашал: „Кажи ми Другар, кога ти беше подобро во Југославија, денес во социјалистизмот или за време на кралот?“ Мештанинот, неочекувано за сите, како „од пушка“ одговорил: „За време на кралот во секој случај“. Неочекуваниот одговор ја возбудил свитата која веднаш препознала „ревизионист“, но ситуацијата се смирила откако Тито запрашал зошто се чувствува така, а мештанинот одговорил едноставно и директно: „Затоа што тогаш бев млад“.
Затоа, првичниот заклучок што логично се наметнува, дека генерацијата на нашите родители, баби и дедовци се југоносталгични бидејќи тоа ги врзува за детството и младоста е релативно точен, но не и комплетен. На пример, југо-ентузијазмот во мојата генерација и кај оние родени деценија потоа баш и не е нешто особен, бидејќи сме растени со Стабилизација и неуспешни реформи, полни џебови, но празни рафтови, граѓански војни и пост-ју транзиција. Но тој не ни е ниту одбивен. Истото се однесува и на новите генерации, за кои Титова Југославија е сликата на фабрики полни работници, имиџот на бесплатно здравство и образование, на пасош со грбот со шест факели за кој визи баш и не биле потребни, на слики на Тито и Јованка со светски политичари и уметнички ѕвезди.
Но, за волја на вистината, ваквите слики бледнејат кога на површина ќе излезат контра-аргументите: од колабирањето на производството штом неконкурентните производи ќе излезеа вон ју-пазарите и зоната на клириншкиот долар, преку доспевањето на доларските кредити кои изградија фабрики и станови, но не можеа да се вратат со нефункционално стопанство и стравичната инфлација, до бруталноста на Голи Оток и крвавиот распад што уби и расели над милион луѓе.
Затоа, кога ќе се види речникот и целта на емоцијата, станува појасно дека југо-тито-носталгијата баш и не е феномен врзан со (главниот лик на) една држава, туку со нејзината поставеност кон човекот и на на системот поставен во функција на обезбедување пристојни основни животни услови и пристап до: работа, домување, квалитетно и достапно здравство и образование, културно воздигнување за секој слој и културолошка преференца, безбедност и правда независно од социјалниот статус.
Во политиколошка смисла, тоа не е идентификација со социјалистизмот или комунизмот, туку со космополитизмот на една политичка генерација која својата идеологија ја препознава во она што го доживува или проектира како авангарда на своето време, но воопшто не се „гади“ да ги користи најдобрите расположливи кадри (кои не се нужно идеолошки комплементарни) за потребите на градењето систем и институции.
Затоа, на балканските екс-ју простори, вклучително Македонија, оваа носталгија за нормалност во општеството воопшто не е поврзана со југословенската идеја (која потекнува од крајот на 19 век и ), туку со потребата за тоа општествената нормалност и вклучителност да биде во затворен круг на контрола со политичката пристојност и економската одржливост.
Преведено во македонски услови, тоа накратко би значело дека сите знаат дека Тито не е меѓу нас веќе безмалку четири децении, но и дека низ сеќавањето на него и таа држава ја потенцираат разликата колку денешните политичари се далеку од моралните стандарди за политичарите од тој период. Како што впрочем сите знаеме дека Југославија е временски надмината творба и во формата и во суштината што сме ја познавале, но дека низ сеќавањето на неа се нагласува проблемот што Македонија сеуште ја нема пронајдено својата формула на функционален систем и одржливост, токму поради отсуството на политичари со кредибилитет и доблест потребни за и тие самите да прераснат во модел и критериум на вредност.
Или кажано едноставно: Не го барате Тито, туку средена држава и правда.
Затоа, во ерата на лоши вести во нашето секојдневие, на оваа тема има една добра и една помалку добра вест. Добрата е што денес југоносталгичарските дебати се водат во маргиналните канали на социјалните мрежи.
Но, генерално носталгијата ширум Балканот произведува нови политички правци и процеси на созревања кои немаат класично дефинирана идеологија, туку се спротивставуваат на модерното балканско кастинско општество во кое сиромаштијата е поголем срам одошто криминалот организиран од киднапираната држава, за потребите на политичката елита и нејзините контролори/партнери од европската бирократија.
Помалку добрата вест е што за катарзата на новите процеси ќе мора да причекаме сепак малку подолго одошто би сакале.
Comments are closed for this post.