Деновиве на социјалните медиуми често се коментираше една анкета на која дури повеќе од 80% од испитаниците одговориле дека би се отселиле од Македониија. Како можни дестинации посочиле повеќе различни држави во западна Европа и далечните САД, Австралија и Нов Зеланд. Главните причини што испитаниците ги посочиле за тој мотив за отселување од сопствениот дом може генерално да се вклопат во едно – незадоволство и големо разочарување од нефункционирањето на државата. И верувам дека е така. Тоа разочарување и незадоволство секојдневно се чувствува и најмногу се гледа на лицата на граѓаните, им се познава дека имаат маки, што би се рекло со чаршиски речник „си имаат луѓето гајлиња“. И така се претвораме во држава на загрижени, незадоволни и разочарани граѓани – во држава на гајлаџии. А власта за тоа вели: „Ама баш ми е гајле“!

И така деновиве се случуваат историски моменти за нашата држава. Власта впрега сили и прави секакви напори да ги обезбеди пустите 80 гласа и да ја спроведе агендата за промена на уставното име. И во таква една ситуација секој гледа максимално да ќари. Ете кај комшиите на југ гледаме слично сценарио што се случуваше кај нас за време на ланскиот референдум. Германската канцеларка им дојде на гости наводно да ги поддржи, т.е. да ги вразуми грците и тие таму во нивниот парламент да си обезбедат поддржка за да помине договорот од Преспа.

Мислам дека добро е деновиве да си извадиме по едно уверение за државјанство, на коешто сеуште ќе стои името Република Македонија, а генерациите што се родени во овој четврт век постоење на независна Македонија да си обезбедат извод од матичната книга на родените, онака да ги имаме како доказ некогаш во иднина да посведочиме дека сме живееле во Република Македонија. Ајде да го направиме тоа пред да станеме северњаци. А како што фати и снежново невреме, ептен се погоди во контекст на целата ситуација со уставните измени. Ем северно, ем заледено, ем неисчистено, па ете дупла доза гајлиња за сите нас.

И ете по цена на промена на уставното името ни се ветува безбедност, стабилност и просперитет. Ете тоа е цената, а власта е решена безскрупулозно да ја плати. А стабилноста, безбедноста и просперитетот се главните цели на секоја една модерна држава за нејзините граѓани да немаат тешки гајлиња. Тие цели пред се зависат од многу различни фактори како ресурсите на државата, нејзината стратешка локација, историјата, културата, политичките лидери, но исто така и од меѓународните политички чинители. Во нашиот случај тоа се ЕУ, САД и НАТО. И ете тие се силните на денот и се посилни од нас. А ние сакаме да бидеме во друштво со нив, а таа скапа дружба си има своја цена – промената на уставното име.

Во една ваква ситуација со уставните измени и сеопштото разочарување кај граѓаните, а особено меѓу младите кои не гледаат безбедност, стабилност и просперитет во оваа држава и со оваа власт, тие веќе одамна ја изгубиле довербата во оваа власт и во оваа држава на гајлаџии.