Велат, за да ги гледаш работите само низ розови очила значи дека си или пијан, или вљубен или идиот. Само што ова последново ќе го дознаеш многу подоцна. Зашто, како што знаеше често да напише почитуваниот професор Ѓорге Марјановиќ, на будалите отпосле им текнува.
Дебаклот во Брисел со недобивањето датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија не измести од „ментеше“. Особено власта, која опиена од дадените ветувања на „блудницата Вавилонска“ заборави на реформите, што беа основен предуслов за тоа. И сега, по средбата на новинарите со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој ни ја плесна голата вистина в лице и не соочи со грдата реалност, треба сите да бараме „скриени непријатели“. Во името на францускиот претседател и неговиот официјален претставник во Скопје.
Колку за почеток. Зашто, нивниот број, како што тргнале работите, постојано ќе се зголемува. Со имиња од други европски држави-членки на ЕУ. За почеток, можеби и тоа на новиот холандски амбасадор, кој исто така не соочува со реалноста, што со други зборови треба да значи дека нов амбасадор најверојатно ќе значи и нова плоча. Но, не толку пријатна за слушање за власта и нејзините апологети. Дотолку повеќе што сето ова на извесен начин е веќе видено само пред неколку години. Со единствена разлика што сега се сменети само улогите на главните актери од власта и опозицијата.
А, тие сега поставуваат една клучна, но пред се лажна дилема. Што треба да се сведе на тоа зошто францускиот претседател Емануел Макрон не кажал ништо во Брисел од тоа што сега во Скопје ни го кажува амбасадорот Тимоние. На пример, дека, парафразирано, маркетиншки биле сменети приоритетите за исполнување, па потпишувањето на Договорот од Преспа избил на површина, наместо спроведувањето реформи. Или, зошто сме живееле во илузии кога Македонија не била баш најдобар пример на Балканот. Или зошто ни едниот ни другиот не ни кажале дека нема да има ништо од датумот за почеток на преговорите пред да се смени името на државата.
Види мајкатааа, што би рекол угледниот, почитуван и достоинствен премиер Зоран Заев.
Навистина, дали и што би се сменило дури и да се добијат точни одговори на сите овие прашања? Апсолутно ништо. Зашто, кога еднаш ќе се скрши огледалото, тоа тешко или никако не се лепи.
И впрочем, што за нас е поважно-дали тоа што Макрон не кажал ништо во Брисел или тоа што нашиот премиер Зоран Заев ја лажел целата домашна јавност со превисоки очекувања од својот непоправлив оптимизам, иако многу добро го знаел ставот на францускиот претседател со месеци порано? Кога токму премиерот отворено ќе се коцка со државата и народот не може ништо добро да се очекува.
Па, дури и тој лично до крајни граници да го користи својот милозвучен глас преполн со оптимизам и со десната рака ставена на срце во знак на „искреност“ да чека да „омекне срцето“ на францускиот претседател. Зашто, нашиот премиер Заев веќе ни инцидентно не ја говори вистината.
Во крајна линија ни Макрон ни Тимоние не ни го донесоа со сила ни Боки Тредичи, ни Катица Јанева, ни Рекет, ни непотизмот, ни корупцијата, ни преговарачкиот инае, ни… Затоа сме и таму каде што сме.
Comments are closed for this post.