Ете и тоа се случи. Пратеничката од редовите на владејачкиот СДСМ, Мира Стојчевска, која поради надоместокот за патни трошоци во јавноста стана позната како Мира дизел, а со бранот нови вработувања и симбол на непотизмот на оваа владејачка гарнитура, ни покажа дека имала морал. Да, да, добро читате-морал. Само што не се знае од кога го поседува. Дали кога си ги вработуваше синот и братот или кога се унапредуваше сопругот, или сега кога објави дека братот и сопругот се повлекуваат, ама не и синот?
Значи, морал што пали со задоцнување. Како првите модели автомобили, чии мотори се палеа со курбла. Врти, врти, врти и оп, моторот се пали! Па, седнуваш и возиш. Така и Мира дизел. Вработувај, вработувај, па оп, барај повлекување. Од бате и од човекот со кого делиш брачна перница. А, синчето? Е, тој не, никако, тој не влегува во приказната. И продавај морал.
А, во што се разликува нејзиниот син од синот на нејзиниот колега Мисовски!? Или меѓу неа и колегата!? Мисовски има морал исто како и неговиот син, ама Мира дизел и нејзиниот син не!? И кој тоа ќе го (про)цени!? Никој и секој.
Нека се живи и здрави обајцата и во животот да им се случуваат само убави работи. Уште од сега покажуваат кој има, а кој нема човечки карактер и изграден систем на вредности. Кој е фајтер и подготвен за борба, а кој е татин и мамин син. Што е нивно, само ќе им дојде. Порано или подоцна, полесно или потешко. И браво за фајтерот. Тој секогаш ќе биде свој, а не син на тато. А, синот на мајка нека продолжи во скутот. Така нема далеку да стигне. Жално, можеби и непримерно, но децата станаа жртви на едно сеопшто лудило. Родителите на страна, нели.
И после се, како човек да поверува во тоа што на својот ФБ профил го напишала Мира дизел? Голи фрази и чисти политички флоскули. Нив нека си ги чува за по дома. Во јавноста не минуваат. Доцнат светлосни години.
Comments are closed for this post.