Никола Димитров, министерот за надворешни работи наш, голем маж. Што би се рекло, повеќе рајбер отколку курајбер. И за да нема дилеми, двата поима не се споменуваат во пежоративна, туку во нивна вистинска смила. За оние, што имаат дилеми, во Дигиталниот речник на македонскиот јазик рајбер означува вид кукачки, закачалки, за затворање прозорци или врати. А, пак, курајбер го означува 14-тото колено од сопствените претци.
И така, по неколкудневна нирвана, кога министерот наш, голем маж ни се наоѓал ни на небо, ни на земја, и одлучил да си ја заврши започнатата работа. Се појави во Парламентот пред Комисијата за европски прашања за да даде отчет како тоа Македонија не доби датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Ама, пустото, опозицијата го погоди во нерв. Па, се најде погоден и отворено ја објави својата „кандидатура за иновации“. И тоа по две основи. Прво, со својот новопрокламиран „патент“ за чувство на срам и второ, правото само тој и никој друг, а најмалку опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ да има право да зборува за ЕУ и НАТО. Искрено, гледајќи како функционира нашиот Фонд за иновации, верувам дека има реални шанси за успех. Зашто, од таму веќе нема кој не дрпна пари. Од шути и рогати, преку чисто партиски војници, па до плагијатори од светски маштап. Секоја чест на исклучоците, нели, чиј ум и изум секаде би се вреднувале и Македонија нема зошто да биде исклучок во тоа.
Замислете, рајберот Димитров со неговото чувство за срам сака да и ги затвори единствените демократски врати и прозорци на опозицијата во Парламентот каде може да ги изнесе своите гледишта за неуспехот во Брисел. Зошто? Затоа што кога ЕУ била подготвена да ни ги отвори ширум портите, тие од ВМРО-ДПМНЕ граделе споменици.
Ај да оставиме на страна кога тоа ЕУ, со своите двојни, тројни, стотици аршини била навистина подготвена за Македонија. Значи, се граделе само на споменици. Ама ни случајно не и објекти. Како на пример, палатата „Борис Сарафов“ каде сега неговото функционерско г..е седи во удобната министерска фотелја. Чудно! Како тоа одеднаш рајберот почувствува срам? А, не порано. Да речеме, кога се фрлаа клетви за оној што ќе одлучи да стави потпис на документ, што ќе значи потклекнување пред Грција и промена на името Македонија. Или кога пишуваа дека најголем грев на Македонците е што не можат да признаат оти се етнички Бугари. Дали тогаш Европа беше подготвена да ги почне преговорите за членство на Македонија? И тогаш кој беше на власт? Или, кој ја потпиша спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ?
Нејсе, тоа очигледно во дадениот дневно-политички контекст не е важно за угледниот, честитиот и достоинствен министер Димитров. Иако, ако се тргне од тие позиции и човек почне да ги набројува сите работи за кои тој не почувствувал срам, а повеќе од сигурно требало, ќе бидат потребни стотици редови.
За курајберот Димитров, пак, како предок од 14 колено на неговите идни директни потомци, ќе треба да говорат некои идни генерации. Но, тие ќе имаат по што да го паметат. Ако по ништо друго, тогаш по проколнатата рака, која стави потпис на еден документ, што во целост го деноминира македонскиот народ. Зашто, народната меморија е неумолива и таа е појака од било какви документи или пишана историја.
П.С. Исто така угледниот, честитиот и достоинствен премиер Зоран Заев, повторно и се извини на јавноста. По она „пе*ер“, сега извинувањето уследи за гестикулацијата „ево ти га на“ и вербалното „мало сутра“. Кога ќе се види какви се имиња минале низ СДСМ во период од три децении и целата булумента пи-ар стратези околу него, човек не може, а да не се запраша дали ќе се најде некој, кој ќе може слободно да му каже да седне и да прочита има ли и во што е разликата меѓу помимите „селанец“ и „сељак“?!
Comments are closed for this post.