Опаѓањето на етнузијазмот за операцијата „Метла“ започна веднаш по изборите, во кои беше употребена како мотивација на јавноста за успех на изборите. Засега недовербата е оправдана, затоа што личи на само уште еден перформанс со ограничена намена. Иако, парадоксално, Заев и тоа како би сакал да ја примени.

Премиерот оцени и дека недобивањето датум (за преговори) ќе не воведе во нова политичка криза. Оваа закана е оправдана само ако на датумот се гледа како на награда за Владата. Но не, уште порано беше јасно дека кризата како последица од неуспешни избори може да биде менаџирана од постојната политичка постава, а по евентуалното недобивање датум – кризата ќе ја обликува политичката постава. Што значи дека всушност не би била институционална, туку партиска.

Необјективна е и неговата оцена дека причината за недобивањето датум за нас би била само неподготвеноста на Албанија за почеток на преговори. Во ваквиот став очигледно се води од тоа дека неговата Влада го реши прашањето за името и заслужува награда за тоа, заборавајќи дека и Албанија веќе пристапи кон уредување на слично тешки прашања, како она за морските граници.

А непријатната вистина е дека според институционалниот капацитет, состојбите во владеењето на правото и на организираниот криминал и корупцијата, но и досегашните реформи, обете земји, секоја на свој начин, еднакво (не) заслужуваат датум за почеток на преговори, зависно дали се гледа низ бриселски, париски, берлински… или низ скопски или тирански очила. И дека одлуката за тоа е политичка, а ЕУ во овој момент и во следните месеци (избори, состојби во членките) тешко дека (ќе) е расположена да размислува за проширување.

А КОГА СМЕ КАЈ КРИМИНАЛОТ…

Вест што деновиве минува релативно тивко низ медиа-политичката јавност е дека и последниот Извештај на Глобалната иницијатива против организираниот криминал повторно ги потенцира истите тековни жаришта и на Балканот и во С.Македонија. Кај нас, тетовско „Јажинце“ и гевгелиска „Богородица“ се означени како влезно-излезни точки за транзит на дрога, стоки и мигранти, а Скопје, Велес, Штип и Кочани како центри на оперирање во кои рекетот и изнудувањето преку приватни обезбедувања е дејност на криминални групи со политичка заштита.

Оттука, делумното образложение за резигнираноста на ЕУ за наш датум за преговори лежи и во заклучокот дека „илегалните текови… се овозможени од политичката економија на криминал која е длабоко вкоренета во повеќето земји во регионот“. Но, за сликата да биде објективна, треба да се каже дека и Брисел премолчува дека ваквиот преплет на криминалот и политиката во Македонија и регионот се одвива(ше) пред очите на апаратчиците и на делегациите на ЕУ и во регионот и во Скопје. И дека во името на стабилократијата, протагонистите на преплетот се нивни добродојдени и поддржани гости и соговорници. Со години и децении.

Денес ЕУ само се соочува со последиците од замижувањето пред криминализацијата на политиката и институциите што мислеше дека е резервирано само за Балканот, а откако метастазата продолжи да се шири кон неа, се двоуми дали да ги користи преговорите за членство како инструмент за прекин на штетната пракса или да продолжи по старо. Нешто што брутално точно го дефинираше Хојт Ји оценувајќи дека „земјите-кандидати за членство глумат реформи, а ЕУ глуми дека во тоа верува“.

ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ВЕТИНГОТ ДА НЕ СЕ ПОТЦЕНУВА

Организираниот криминал постои затоа што има организирана поддршка во државата, а нејзините институции му се соучесници. Притоа, корумпирањето на службениците (во полицијата, службите, одбраната, судството…) е последица на корумпирањето на нивните раководители, кои најчесто имаат база во политичките партии. Тоа значи дека значаен дел од партиските политички именувања се всушност кадровска политика на крими-бизнис-медиа-политичката спрега што го покрива нефункционирањето и така го јакне организираниот криминал. Многу често тоа се случува со тивка поддршка на тајните служби чии реформи, каква коинциденција (?!), баш сега се „случуваат“, иако за нивната улога знаеме уште од Ју-војните и (кршењата на) ембаргата во 1990-тите.

Затоа не е изненадување што ветингот, како процес на проверка на политичките и адмистративните функционери и повисоки чиновници во однос на нивното поведение и тек на нивната имотна состојба и финансиски трансакции е тема на денот. За Ахмети, а понекогаш и за Спасовски. Оттука, зачудува зошто премиерот се ограничува на кабинетско-политичка „метла“, кога тие процеси не треба да се исклучуваат, ниту ветингот може да биде само еднократен.

Кога ќе се види дека од 2016 наваму токму интегративците започнаа оградување од подземјето, изненадувачки тивко прифаќајќи „загуба“ на триесетина илјади гласа што мистериозно се префрлија на контото на СДСМ во 2016 и 2017, станува појасно зошто инсистирањето на ветинг и кабинетско прочистување стануваат два спротивставени процеси внатре истата влада.

СО ИЛИ БЕЗ ДАТУМ – ПРЕСМЕТКА СО ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ МОРА ДА ИМА

Значи и со и без датум – проблемот е ист: Соочувањето со длабоката криминализација на политиката и корупцијата на политичкиот и административниот апарат, со нејзините пипци во медиумите, економијата… се до образованието и здравството ќе биде болен процес. Според маневрите на партиите околу реформирањето на службите, забележливо е дека спрегите тешко се демонтираат. Но, јасно е и дека што подоцна започне, ова расчистување ќе биде толку поболно. Засега, личи дека ова е тема замислена да трае до одморите за потоа се да почне одново – по старо.