Некаде прочитав дека според историчарите една пандемија обично има два краја. Едниот е медицински крај, што значи дека се јавува кога бројот на заразени и стапката на смртност опаѓаат. И другиот крај е општествениот, кога луѓето стануваат уморни од паниката и учат да живеат со болеста.

Се си мислам дека таков општествен крај веќе наближува. Гледам дека луѓето се повеќе се релаксирани за разлика од пред една година. Дури и маските ги носат онака лабаво на јавни места во затворен простор.

Полека, но некако како да се движиме кон крајот на пандемијата. Но, не само што се насетува тој општествен крај на пандемијата, туку со почетокот на кампањата за локалните избори се чувствува и крајот на оваа багра на власт што дојде со ветување дека ќе донесе живот, а животот ни го отежна.

Вообичаено, крајот понекогаш значи и нов почеток. Овие локални избори го имаат тој момент кој навестува крај на оваа власт. Предизборната кампања веќе е во полн тек, па сега неспособниве ветуваат брда и долини на граѓаните. Но, граѓаните паметат каква штета направи оваа власт на државата и животот на граѓаните.

Штетите се непоправливи. По четири преспани години, па со кое лице сега се појавуваат пред граѓаните? Со кампањата ќе прошетаат низ државата, па тамам луѓето ќе ги видат од близу нивните лажни лица.

Овие локални избори се еден нов почеток за државата. Доста е веќе од разочарување и недоверба во државните институции. Луѓето секој ден се повеќе и повеќе се разочаруваат од нефункционирање на здравството, образованието, економијата. Сведоци сме на секојдневни коруптивни скандали во секој сектор од државата.

Поради тоа, многу луѓе заминаа во странство, а богами заминаа и на оној свет, токму од негрижата на оваа власт за здравјето на граѓаните во текот на пандемијата. На овие неспособниве на власт не им е гајле ниту за живите, ниту за мртвите.

Единствено им е грижа да останат на власт. За неспособниве е време за политичка пензија, а богами за поголем дел од нив време им е за во затвор. А за државата е време за целосен ремонт.

Овие неспособните на власт, ете го суредија името на државата и сега сме во НАТО чекајќи го датумот за да се отворат портите од ЕУ рајот. „Папата“ многу убаво си кажа на научниот собор во МАНУ дека државата е поделена, корумпирана и заглавена во кредити. Дали го разбираат тоа овие неспособни што сега ја водат државата? Мислам дека ваков неред и хаос во институциите токму им одговара за нивниот политички опстанок. Државата е зрела за ремонт.

Кога велам ремонт мислам под итно смена на оваа власт, а потоа да се почне да се поставуваат нови стандарди за нормално функционирање на оваа држава. И самите знаат дека им доаѓа крајот.

Обично се вели дека крајот го краси делото, но оваа власт направи само недела, па така сега нема со што да се красат. Како што се насетува општествениот крај на пандемијата, така се чувствува и крајот на оваа власт. Тоа ќе значи нов почеток за нормално функционирање на оваа држава.