Искрено, во моментов не би сакал да сум во кожата на актуелната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска. Што и требаше да отвори скандал со (пре)распределбата на средствата од првиот и вториот пензиски фонд?!
Најмалку заради познатата поговорка дека кога „се тепаат“ големите, страдаат малите, во случајов медиумите. Тие, ни криви, ни должни, треба да се извинуваат затоа што тргнале по трагите на скандалот, па притоа, види богати, се дрзнале да споменуваат имиња. Ама не обични, туку функционерски. И тоа, ни помалку, ни повеќе, туку од секогаш владејачката Демократска унија за интеграција. Како смееле да си го дозволат тоа? Веднаш им се сипаа повисоките партиски, а згора и функционерски моќници. Како можеле медиумите да помислат, а камо ли да напишат имиња, уште помалку да споменат некаков „имагинарен криминал“. Тој,криминалот, нели, никогаш, ама баш никогаш не бил и не смее да биде поврзан ниту со партиските функционери, ни со името на партијата ДУИ. ДУИ е како цвеќе. Не, повеќе како пупка, што допрва треба да се отвори, но веќе дава мирис, што со својата привлечност ја опива целата поблиска и подалечна околина.
А, времињата ем тешки, ем идилични. И колку само е тенка таа граница меѓу сликата за едно општество за сите, за еднаквост пред законите, за владеење на правото, за слобода на медиумите, за истражувачко новинарство, за борба против корупцијата, за кохезивност и хармонија од една и од друга страна моќта, моќта на власта, па било која да е таа, што со децении ја наградува таа наша сурова реалност.
Бојата на хартијата од Службениот весник во кој беше објавен Законот за употреба на јазиците можеби се уште не е исушена, а оние кои својот триумфализам и неизмерна радост ја манифестираа со „летање орли“ им се нафрлија и на министерката Царовска и на медиумите. Речиси преку ноќ „орлите“ станаа политички „јастреби“.
Префрлајќи ја вината де ваму, де таму, забораваат на една „ситница“. Министерката Царовска поднесе кривична пријава против непознат сторител до Основното јавно обвинителство, една од клучните државни институции, која треба и мора да ја манифестира својата независност и функционалност. А, политичките „јастреби“ уште во стартот не само што ја дезавуираат работата на министерката, туку под огромен знак прашалник го доведуваат и ангажманот на Обвинителството. Да не говориме за СЈО, за неговите случаи, за случајот Телеком, за дивоградбите во Чаир, за…
Така е тоа кога се тргнува од логика-антилогика. Наместо да обвинуваат и унисоно да рецитираат „ММЕ кој прв почна“, треба само да ја спуштат топката на земја и да остават институциите на системот да си ја вршат својата работа. А, ако тоа им пречи, тогаш немаат проблеми со министерката Царовска и медиумите. Повеќе би се рекло дека имаат проблеми сами со себе. И тука не помагаат какви било задоцнети поедничени извинувања.
Comments are closed for this post.