Јас не познавам друг народ, кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот.

Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа“.

                                                                                                      Гоце Делчев

Малкумина се вистинските револуционери, кои зад себе оставаат белег на едно време, преточено во зборови во дадени историски услови и околности, што нема да изгубат од своето значење и повеќе од стотина години подоцна. Посебно од овие балкански простори, а се однесуваат на Македонците. И еве, овие зборови на Гоцета Делчев се актуелни и ден денес.

Пишува: Предраг ДИМИТРОВСКИ

Денеска се навршуваат 117 години од неговата трагична смрт во нерамната борба со османлискиот аскер во селото Баница. Годишнината не е јубилејна. Не завршува на нула, пет или десет. Тие се чествуваат со поголема помпа. Но, и оваа, како и другите исти, ќе се одбележи. Можеби не толку торжествено, заради светската пандемија со корона вирусот и условите, што таа ги наметнува. Пред се, социјалната дистанца. Но, и таа не може да биде некаква посебна пречка.

А, годинешното чествување има посебна тежина. Го сардисале ликот и делото на Гоцета Делчев од сите страни. Едни го фалат и величаат, други го черечат и сквернават, трети предизборно го продаваат за производи со истечен рок или за некое меѓународно финансиско чешмиче. Четрвти се обидуваат да тргуваат со него. Признајте дека бил Бугарин, за да ви ја признаеме новата, современа македонска реалност. Петти си гледаат сеир, еј колку ови Балканци се далеку од современи Европејци. Шести… Општо, колективно лудило!

И сите ќе се наредат. Со венци и свежо цвеќе! Едни со искрени и чесни намери за да му одадат почест на великанот. Други ќе глумат сериозност и носители на високи партиски и државни функции. Како и колку за пред камери, иако длабоко во себе, во мислите, ќе го молат Бога церемонијата што побргу да заврши. Трети, со венците или цвеќето в раце ќе го проколнуваат минатото, она македонското, зашто сметаат дека денеска е грев да го поседуваат, а и како да се срамат од него. Четврти ќе сукаат мустаци и со нескриено задоволство ќе си ја потпевнуваат „Шуми Марица“. Петти, пак, едноставно ќе си го поставуваат прашањето-е добро, бе, Гоце, зошто мораше да се родиш на овие балкански простори и во наследство да не ни оставиш чисти работи. Шести, верувам лесно ќе ги препознаеш, само за две-три минути се подготвени од прекалени „србокомунисти“, непоправливи „југоносталгичари“ и отворени бугарофоби да се трансформираат во новокомпонирани врховисти и непрежалени ванчомихајловисти. Знаеш дека играат како што им свири старата добра судба. И штом ќе ги напуштат зидините на „Св. Спас“ веднаш се подготвени да се фатат и да заиграат од „Моравац“ преку „Тешкото“ до „Шопско“.

Драг Гоце, знам дека моштите во „Св. Спас“ ти се превртуваат од сите нив и од нивните глупости. Од секој нивни збор, гест, (по)мисла… Зашто, знаеш како велат, жив човек,жив ѓавол! Ама, не им обрнувај внимание. Остани голем! Таков каков што си бил и за време на својот краток живот и во текот на сите овие повеќе од стотина години. И, те молам, не верувај секому и свежо цвеќе што ќе ти донесе. Патем, можеш и да им простиш длабоко во себе и ти самиот да си признаеш дека не знаат што прават.

„Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединување на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец“.

                                                                Гоце Делчев