Сакам да патувам, да го запознавам светот. Една кинеска поговорка вели дека е подобро да се пропатуваат стотици километри за да се види светот, отколку да се прочитаат стотици книги. Сега вака заглавени по дома, ми остануваат само книгите. Правам планови за следната година каде би патувал. Најчесто, пред да патувам се информирам за земјата или местото кое планирам да го посетам.
Обично во некоја држава, ако не може да се разбереме со локалните на англиски јазик, тогаш започнуваме со мимики, тресење на главата и разни гестови. Во светот обично постојат некои општо прифатени гестови, на пример за одобрување и давање на согласност со тресење на главата напред – назад, или на пример несогласување со вртење на главата лево – десно. Но, нели од секое правило има исклучок.
Е такви исклучоци си имаме тука во комшилукот. На исток од нас и малку на југ. Соседите кога велат ДА мрдаат со главата лево – десно, а кога велат НЕ мрдаат напред – назад, или едноставно ставаат ВЕТО. Е тоа е за комшиите.
И така, сега за сега не патувам никаде, светот е во пандемија, останувам дома. Купив неколку книги, па на тој начин ќе го запознавам светот. Седам дома, читам, се информирам. Периодов има едно прашање, кое многу ме мачи. Како може една мала држава како мојата Македонија да опстане во овој постојан децениски конфликт со соседите?
Каде грешиме, или каде згрешивме? Најверојатно на последните парламентарни избори?! Си имаме работа со неспособни водачи што постојано нѐ лажат за датумот за отпочнување на преговори со ЕУ. А оваа ситуација со корона кризата ја користат за да се богатат на наша штета. Во овие сто дена откако е формирана владата нема никаков напредок во ниту една област. Не само што нема напредок, туку има и штета. Штетата е огромна. Веќе официјално економијата ни е во рецесија.
А во целата оваа сага со комшиите на исток, се покажа дека оваа влада нема никаква државна стратегија за заштита на националните интереси, а има уште помалку способна дипломатија. Секој ден сме во сѐ подлабока здравствена, економска и политичка криза. Кризата прави притисок врз сите нас. Зимата ни тропа на врата и нема како тој притисок да не се чувствува сѐ повеќе. Природно е штом се почувствува притисокот од кризата да ни го расипе комфортот. Време е тивкото граѓанско мнозинство да излезе од својот комфорт и да стане сѐ погласно и побројно.
Само пред некое време тивкото мнозинство пушти глас радувајќи се на победата на македонската фудбалска репрезентација. Гласот на тивкото мнозинство звучеше вака: „кога не оспоруваат, и име, и презиме, и нација, и ген, еве нѐ во Европа! Меѓу сите тие што ги описменивме. Ќе нѐ дочекаат наредниот јуни, ќе ја поздрават нашата репрезентација. Ќе стојат мирно на нашата химна!
Ова е порака од сите, православни христијани, Македонци, Албанци, Турци што играат за оваа репрезентација дека нашата држава треба да ја чуваат тие што ја водат – и едните, и другите, и третите и четвртите! Ова е голема победа за Македонија!“. Од прилика вака звучи гласот на тивкото мнозинство. После оваа криза, тивкото мнозинство ќе станува се поголемо, а рокот на траење на оваа власт сѐ пократок. Време е да се чуе гласот на тивкото мнозинство.
Comments are closed for this post.