Занемени од болка. На сите нас поединечно, и на Македонците како нација ќе ни биде потребно долго време да ја осознаеме трагедијата во Кочани. Градот се прости од своите деца, знамињата веќе не се на половина копје, старите политички кавги продолжуваат (ако воопшто престанаа), но со децении ќе ни остане чувството на загуба.

Животот мора да продолжи, дневните настани и обврски набргу ќе не навјасаат, а наскоро ќе паднат и првите пресуди по што локалните власти ќе го урнат трагичниот објект – но Кочани нема да можеме да го заборавиме. За некои тоа ќе биде штрекот од сирената на амбулантно возило што ќе не врати во кобната ноќ.

За други ќе биде алгоритамски генериран потсетник преку социјалните мрежи, или текст на портал во потрага по кликови. Од многуте трагедии кои ја задесија Македонија, ова е едната што нема да можеме и не смееме да ја заборавиме.

И додека шокот и болката бледнеат, а во умот и телото се враќа способноста за мисла и акција, мораме да се запрашаме како да продолжиме и кон каде да се придвижиме. Со што, со какви постапки, би можеле најдобро да им оддадеме почит на насилно прекинатите млади животи?

Една линија на дејствување која произлезе од трагедијата е што конечно почнавме да се справуваме со културата на јавашлук и корупција во сите пори на нашето општество. Засега се чини дека тоа е насоката во која ќе биде канализиран гневот и потребата за акција. Покрај сопственикот на објектот и причинители на катастрофата (лицата кои го запалија огнометот), обвинети се и сите локални и централни функционери кои требале или можеле да го спречат јавашлукот кој толку скапо чинеше десетици семејства и цела Македонија.

Одговорноста секако нема да ги врати загубените животи, но да се надеваме дека ќе предизвика во иднина, некој да си ја удри главата и да ги отвори очите пред да стори нешто слично – дали од глупост или за ситен коруптивен профит.
Постои и една друга насока кон која гневот на јавноста може да биде насочен, и деновиве сме сведоци на обиди во таа насока. Уште од трагедијата на младата Фросина можевме јасно да видиме како политичките фактори во опозиција цинично гледаат можност да поентираат на туѓа несреќа.

Повеќе од нив отворено го кажуваа тоа во подкасти, и го покажаа на дело, кога наспроти директните молби на семејството на Фросина организираа политизиран собир на местото на несреќата. И додека нормалните луѓе низ Македонија занемени ги следат вестите од болниците во кои се лекуваат младите Кочанчани, и гледаат кој како може да им помогне на нивните семејства, гледаме како се забревтуваат политичките кујни и се реактивираат шарени профили на социјалните мрежи кои не сме ги виделе со години.

Ако нешто може да биде пострашно за семејствата кои загубија деца, браќа, сестри во трагедијата во Кочани, и за семејствата чии деца се на лекување во странство, тоа е да им се повтори третманот низ кој истата оваа политичка опција со години ги изложуваше семејствата на децата убиени на Велики четврток 2012та година.

Попусто е да се трошат зборови на умствениот процес кој стои зад одлуката дека ова е прашањето на кое треба да се прават политички поени, особено од политичка опција во чие време е издадена лиценцата за клубот во Кочани, и која видовме како ги третираше случаите за кои протестираше минатиот пат – со признавање дека со години лажеа за наводните нови снимки за масакрот од 2012та и со ослободувањето на убиецот на Мартин Нешковски.

Да се надеваме дека, сепак, дури и кај нив ќе проработи свеста, или барем политичката прагма, и ќе се повлечат од патот по кој тргнаа.